Палестинската исламистичка група Хамас денеска соопшти дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е одговорен за судбината на заложниците по почетокот на израелската копнена офанзива во градот Газа, јавува ДПА.
„Воениот злосторник Нетанјаху“ ја сноси целосната одговорност за животите на неговите затвореници во Појасот Газа“, соопшти групата во објава на Телеграм.
Хамас ги нарекува израелските заложници, од кои многумина се цивили, „затвореници“, појаснува германската агенција.
Дополнително, во објавата на Хамас се наведува дека американската Влада ја сноси „директната одговорност за ескалацијата на бруталната војна на уништување во Појасот Газа“.
САД, како што тврди Хамас, „поддржуваат политика на измама насочена кон прикривање на воените злосторства на окупаторската сила, на која светот е сведок речиси две години“, пренесува ДПА.
Војната во Газа беше предизвикана од невидениот терористички напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени околу 1.200 луѓе, а повеќе од 250 други беа киднапирани на крајбрежната територија.
Според палестински извори, околу 65.000 Палестинци се убиени во Појасот Газа од почетокот на конфликтот.
Бројките не прават разлика помеѓу цивили и борци и не можат да бидат независно потврдени, но ОН ги смета за веродостојни.
Големи делови од густо населениот крајбрежен појас се уништени во борбите.
Израел постојано вели дека борбите би можеле веднаш да завршат ако Хамас ги ослободи преостанатите 48 заложници и го положи оружјето, потсетува ДПА. (МИА)