Според израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, израелската армија дејствува „со железна тупаница“ против „терористичката инфраструктура“ во Појасот Газа. „Газа гори“, изјави Кац. Војниците се борат „за да создадат услови за ослободување на заложниците и пораз на Хамас“.
Хамас е организација која Израел и многу други земји ја сметаат за терористичка. Нивниот неиспровоциран напад врз Израел на 7 октомври 2023 година ја предизвика војната во Појасот Газа.
Почеток на израелската копнена офанзива?
Американскиот информативен портал Аксиос, повикувајќи се на израелски официјални лица, објави дека ова е почеток на копнената офанзива воградот Газа. Министерот Кац на социјалните медиуми напиша:
„Нема да попуштиме и нема да се повлечеме – додека мисијата не биде завршена.“
Според палестинската новинска агенција Вафа, израелски борбени авиони речиси непрекинато изведувале жестоки напади врз градот во северниот дел на Појасот Газа, проследени со артилериски оган. Според медиумските извештаи, тенкови потоа навлегле во градот, каде што се претпоставува дека сè уште има стотици илјади Палестинци.
Сè уште нема потврда од израелската армија. Сепак, израелскиот информативен портал Вала, повикувајќи се на член на Генералштабот на армијата, објави дека „започна интензивна операција која опфаќа различни напади врз бројни терористички цели“. И ова е „само почеток“.
Кратко пред тоа, американскиот државен секретар Марко Рубио изрази сомнеж дека војната против Хамас може да заврши по дипломатски пат. „Ако не заврши на тој начин, тогаш мора да заврши преку воена акција“, изјави Рубио во разговор со американската телевизија Фокс Њуз за време на неговиот престој во Израел.