Македонија повторно се соочува со афера со незаконско следење и прислушување на јавни личности, политичари – лидер на партија, обвинители, новинари, бизнисмени во периодот 2019–2024 година. Системот молчи, а граѓаните поставуваат едно суштинско прашање: Зошто јавниот обвинител не реагира?
Јавниот обвинител, како врховен орган за гонење на криминал, има директна надлежност да отвори истрага, да ги испита службите кои вршеле незаконски активности и да покрене обвиненија. Но, засега, молк. Дали причината е недостаток на информации, институционална немоќ, или политички притисоци? Јасниот впечаток е дека системот што треба да ги брани граѓанските права и владеењето на правото е парализиран кога жртви се токму политичарите и јавните личности.
Од друга страна, претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова, како врховен шеф на безбедносните служби, има директна надлежност над Агенцијата за разузнавање (АР). Таа потенцира важност од доверба во безбедносниот систем и апелира за професионален, институционален пристап, но се воздржа од конкретно одговарање зошто АР евентуално вршела незаконско прислушување и кои мерки треба да ги преземе. Суштинската обврска на претседателката е да нареди истрага, да бара извештаи и да обезбеди и нареди сите незаконските активности да бидат откриени и санкционирани. Молкот создава впечаток дека институциите не делуваат.
Надлежноста за одговорност е јасно дефинирана: АР треба да постапува законски, јавниот обвинител има овластување да отвори истрага, а претседателката може да иницира проверки и да бара извештаи. Кога овие три клучни позиции молчат, се создава впечаток дека институциите ја дозволуваат злоупотребата на моќта. Во демократските системи, таквите реакции би биле моментални и транспарентни, со јасно кажани чекори и одговорност на секој кој го прекршил законот.
Во многу демократии, случаите на незаконско прислушување се решаваат експресно преку јасно дефинирани процедури: независни комисии веднаш ја истражуваат активноста на безбедносните служби, јавниот обвинител покренува истрага, а одговорните функционери се повикуваат на одговорност. Во САД, на пример, Конгресот и Судот можат да бараат итни извештаи, а високите службеници се суспендираат додека трае истрагата. Во Германија и Франција, постои пракса на независни надзорни тела што ги проверуваат сите активности на разузнавачките служби и јавноста редовно се информира за резултатите од истрагите. Овие модели ја одржуваат довербата на граѓаните и обезбедуваат дека институциите реагираат, а не чекаат.
Молчењето и непреземањето мери од страна на надлежните создава впечаток дека институциите не се способни да обезбедат одговорност и правна заштита. Јавноста заслужува јасен одговор: Кој ќе преземе одговорност и ќе истражи кој, кого и зошто следел и прислушувал? Кога највисоките органи молчат, демократијата е на удар, а довербата во институциите е сериозно разнишана.
Ако молкот продолжи, ќе остане само еден заклучок: во Република Македонија, и по реформите, безбедносниот систем и обвинителството се уште се злоупотребуваат за политички или лични цели. На сите мора да им биде кристално јасно дека граѓаните заслужуваат институции што делуваат, а не што чекаат.
Кога институциите не функционираат, последиците се јасни: граѓаните ја губат довербата во правниот систем, политичките или личните интереси се ставаат пред јавниот интерес, а демократијата се наоѓа под директен ризик. Непостапувањето значи дека незаконските активности можат да продолжат, без одговорност, што создава клима на неказнивост и општа несигурност.
Нашето барање за отворање истрага и одговорност за незаконските дејанија не е мешање во работата на институциите ниту притисок врз нив, туку очекување тие да ја вршат својата работа професионално и чесно, онака како што е предвидено во Уставот и законите и за што ние, граѓаните, ги финансираме.
13.09.2025 Проф. д-р Јове Кекеновски