Ракометарите на Бутел постигнаа победа од 31:27 на првиот натпревар од првото коло од ЕХФ Европскиот куп. Совладан беше тимот на Дуделанж од Луксембург на негов терен. Македонскиот претставник со победата попладнево има големи шанси за пласман во следната рунда.
Во текот на целиот натпревар ракометарите на тренерот Горан Кузманоски имаа предност со исклучок во два наврати кога Дуделанж водеше со гол разлика. „Бутелчани“ највисоката предност во првиот дел ја имаа во финишот кога поведоа со 14:8. Во второто полувреме домаќинот во неколку наврати намали на еден негатива, за потоа Бутел да дојде и до највисоките + 7 (31:24). Во завршницата на натпреварот Дуделанж само го ублажи поразот.
Филип Николов со 9 голови беше најефикасен, Тодор Узунчев постигна 7 без промашување, а голманот Благојче Трајкоски имаше 13 одбрани. Реванш натпреварот се игра на 13.септември (сабота) во Скопје со почеток во 18 часот.