Израелските војници го уапсија градоначалникот на Хеброн, Тајсир Абу Снаине, предизвикувајќи негодување на Западниот Брег, каде што властите стравуваат за нивната автономија, објави ДПА.
Општинскиот совет на Хеброн го осуди апсењето и рече дека голем контингент војници во текот на ноќта извршиле рација во домот на Абу Снаине и го пребарале целиот имот.
Кога беше прашани за коментар, израелската армија се повика на домашната разузнавачка агенција Шин Бет.
Израелски извори наведуваат дека Абу Снаине е обвинет за поддршка на палестинската милитантна група Хамас и палестинската исламистичка група Исламски џихад, како и за поттикнување отпор против Израел.
Канцеларијата на градоначалникот на Хеброн, град со околу 200.000 жители јужно од Ерусалим, соопшти дека апсењето е политички мотивирано.
„Овој брутален напад не е насочен само против самиот градоначалник, туку и против волјата на жителите на Хеброн и нивните избрани институции“, се наведува во соопштението.
Апсењето претставува „скандалозен напад врз демократскиот процес, како и врз правото на нашиот народ да си гледа своја работа и да му служи на градот во слобода и достоинство“, додадоа градските власти.
Палестинските медиуми соопштија дека апсењето е обид на Израел да воспостави алтернативно палестинско раководство во градот за да го замени владеењето на Палестинската управа. (МИА)