Кошаркарскиот свет од денес ќе го следи Европското првенство (ЕП), неговото 42. издание, ѕвездите ќе се соберат во четири града, во четири земји, сите натпреварувајќи се за титулата шампион на континентот. ЕП 2025, кое ќе се игра во Кипар (во Лимасол), Финска (Тампере), Полска (Катовице) и во Летонија (Рига), почнува, со дуелот Велика Британија – Литванија (од 12.30 часот).
На годинашниот континентален собир се очекува настап на многу кошаркари што играат во НБА-лигата.
Европските првенства во кошарка се играат од 1935 година, кога шампионатот се одигра во Швајцарија, со учество на 10 репрезентации (Летонија, Шпанија, Чехословачка, Швајцарија, Франција, Белгија, Италија, Бугарија, Унгарија и Романија). Веќе во првото коло на ЕП 2025 ќе има дуел на репрезентации со најдолга традиција на меѓусебни мечеви на европските првенства, бидејќи Франција и Белгија се сретнаа и на првото ЕП, пред 90 години, тогаш во натпреварот за пласман на петтото место.
Годинава четврти пат има четири земји домаќини на ЕП во кошарка. Вкупно 19 репрезентации што учествуваа на претходното ЕП, во 2022 година, ќе настапат и годинава, а по два шампионата на кои немаше дебитанти, годинава првпат на кошаркарските континентални првенства ќе игра селекцијата на Кипар.
Титулата ја брани репрезентацијата на Шпанија, која од актуелните учесници на ЕП 2025 ја има најдолгата серија настапи на европските собири во кошарка, вкупно 32, непрекинато од 1959 година.
Шести пат на ЕП ќе настапат 24 кошаркарски репрезентации, поделени во четири групи. Најдобрите четири селекции од секоја група ќе се пласираат во осминафиналето. По групната фаза, сите натпревари во нокаут-рундата ќе се играат во Рига.
В среда се и натпреварите Чешка – Португалија (од 13.45 ч.), Црна Гора – Германија (15.30 ч.), Летонија – Турција (17 ч.), Шведска – Финска (19.30 ч.) и Србија – Естонија (20.15 ч.). Првото коло треба да се заокружи в четврток со средбите Грузија – Шпанија (14 ч.), Израел – Исланд (14 ч.), Белгија – Франција (17 ч.), БиХ – Кипар (17.15 ч.)), Грција – Италија (20.30 ч.) и Словенија – Полска (20.30 ч.).