Колумни

ЕУ-ропски идеолошки апартхејд

ЕУ-ропски идеолошки апартхејд

Последниве години, она што беше замислено како најголем мировен проект после Втората светска војна и, како “рајска градина“ за одгледување на демократски вредности, Европската Унија, за жал, се претвори во своја целосна спротивност.

Денес, за жал, единствен подбуцнувач и финансиер на војната во Украина, единствена подметната сопка во сите обиди да се дојде до мир и, конечно, единствен отворен противник на веќе најавениот разговор на двајцата светски лидери, Доналд Трамп и Владимир Путин, на 15 август на Алјаска, е токму Европската Унија. Поточно речено, оние кои неизбрани од никого, а целосно некадарни, владеат со неа.

Истовремено, токму Европската Унија е оној идеолошки простор каде, за жал, се’ почесто се забранува поинакво мислење, поинаков политички став, па, според познатите сталинистички методи, се етикетираат сите кои размислуваат поинаку, па дури, против некои од нив, се водат судски процеси, се прави обид за нивна забрана за работа, со еден збор,  “рајската градина“ се пренаменува во гробница за  вистинските демократски вредности.

ЕУ – МИЛИТАНТНО КРИЛО НА ЛИБЕРАЛНИТЕ ЕЛИТИ

Сведоци сме дека уште од киевскиот крвав Мајдан и насилната промена на власта во Украина, а посебно од почетокот на специјалната воена операција, американските и европските западномарксистички либерали, најтесно соработуваа, најпрво, за да се испровоцира воен судир, па, да се оневозможи каков и да е договор за запирање на конфликтот, па се’ до целосна поддршка на Украина во пари, оружје, разузнавачки информации, команден кадар, сателитска поддршка и се’ што може да придонесе војната да не запре.

Со поразот на американските западномарксистички либерали и победата на Доналд Трамп, работите значително се изменија. Најпрво, но најсуштинско, обраќањето на потпретседателот на САД, Венс, на самитот во Минхен кога јасно им укажа на европските лидери дека тие се виновниците за она што се случува во Украина. Па, намалувањето на американската воена помош за Украина и префрлање на теретот на грбот на ЕУ и големите европски држави. Со тоа, тивко но решително, САД објавија дека е ова нова евроазиска војна, а упорното повторување на Трамп дека е тоа војна на Бајден, јасно говори дека тоа повеќе не е американска војна.

Но, свесни дека со завршувањето на војната во Украина, ионака веќе дефакторизираната ЕУ целосно ќе го изгуби своето значење, а тие, како инсталирани моќници, ќе бидат симнати од власт и ќе одговараат за сите злосторства што ги сториле, успеаја да ја украинизираат Европа, себе си веќе се доживуваат како моќна платформа анти-Русија и, огромен дел од парите на европските даночни обврзници ги фрлаат во вода. Поточно, ги фрлаат во река од крв која заради нивните лични интереси продолжува да тече низ Украина.

Конечно, што јавно што под маса, заедно со комедијантот кој предизвика трагедија, Зеленски, како милитантно крило на европските либерали, се обидуваат да го саботираат состанокот на Трамп и Путин и, се’ уште поставуваат услови, бараат гаранции и, се закануваат со моќта која не ја поседуваат.

ЗА ИДЕОЛОШКИОТ АПАРТХЕЈД

Според Дигиталниот речник на македонскиот јазик, зборот “апартхејд“ претставува политика на расна дискриминација, делење на населението врз расна основа. Таквиот расен апартхејд беше воведен во минатиот век во Јужна Африка, каде белото малцинство владееше со црното мнозинство и со државата. Со страшна репресија, со судски процеси, со забрана на какви и да се активности на црнечкото домородно население.

Денес, токму во ЕУ, според јужноафриканскиот модел, се спроведува идеолошки апартхејд. Се врши политика на идеолошка дискриминација и, се врши целосна поделба на населението врз идеолошка основа. Па, со репресија, со судски процеси и со забрана на каква и да е активност на идеолошки поинакумислечките се оневозможува вистинската демократија. Примерите со забрана на кандидирање на веќе сигурниот победник на претседателските избори во Романија, Калин Георгеску, судскиот процес против Марин Ле Пен во Франција за да се оневозможи нејзината кандидатура на претстојните претседателски избори во Франција, обидот за забрана на една цела партија, АфД, во Германија, се само дел од примерите.

Но, можеби најинтересна е изјавата на претседателката на Централната изборна комисија на република Караман во Молдавија, држава која со изборен инжинеринг на ЕУ треба да стане нејзина членка, иако граѓаните на Референдум беа против, а во врска со претстојните избори на 28 септември. Па, таа вели: “Постои голема разлика меѓу Европската Унија и другите држави. Молдавија се наоѓа на чекор до членство во ЕУ, па мешањето на таква земја каква што е Франција, дури и кога станува збор за директно финансирање на политички сили, не се смета за некаков вид на изборна корупција, ниту пак за надворешно мешање.“

За нормален човек, ова е повеќе од доволно за да разбере се’ што треба.

СРЕДБАТА ТРАМП – ПУТИН

Бидејќи моите очекувања од оваа средба се многу мали, многу накусо ќе се задржам на неа. Имено, ова е исклучително значајна средба од аспект на прв директен контакт на претседателите на САД и Руската Федерација од започнувањето на војната во Украина и целосното прекинување на односите на двете земји од администрацијата на Бајден. Ова од проста причина што единствено разговорот и дипломатијата може да донесат позитивни решенија, а оружјето само војни и страдања.

Но, сметам дека оваа средба е само вовед во трипартитната средба на американскиот, рускиот и кинескиот претседател во септември во Кина, каде што и официјално ќе бидеме сведоци на воспоставување на новиот мултиполарен светски поредок. За жал, војната во Украина не може да се реши сепаратно, односно издвоено од воспоставувањето на новиот светски поредок и определувањето сфери на влијание на трите најголеми светски сили, па, нејзиниот конечен крај ќе биде дел од тие решенија. Ова, затоа што, новиот светски поредок, покрај сферите на влијание, ќе донесе и нова безбедносна архитектура чиј дел ќе биде и мирот во Украина и нејзината натамошна безбедносна конфигурација.

Единствено што е повеќе од јасно е дека оваа средба претставува “дисциплинирање“ на милитантната и идеолошки исклучивата ЕУ, нејзино седнување во “магарешка клупа“ и последен доказ за нејзината целосна дефакторизација. Со тоа, на некадарните европски бирократи ќе им биде дадена јасна порака дека мора да овозможат најитна реформа на Европската Унија, бидејќи многу лесно од “магарешката клупа“ може да се најде не околу столот, туку на столот за преговори како дел од “менито“ на големите сили.

Суверенистичкиот пристап на Доналд Трамп, Владимир Путин и Си Џинпинг треба да биде доволна поука за секој со барем малку памет. Дали ароганцијата и сопствената “умислена“ големина, им оставила барем малку памет на европските бирократи, останува да видиме. Доколку, на пример, зборовите на Орбан и Фицо успеат да допрат до нивните елитни мозочиња, Европа и европските држави имаат шанса да преживеат, а доколку не…

Страшо Ангеловски, претседател на МААК

To top