Репрезентативецот Андреј Митревски во разговор за веб-сајтот на МКФ порача дека македонскиот национален тим го остава зад себе поразот од Романија и се фокусира на следниот меч против Унгарија во претквалификациите за Светското првенство.
„Со Романија загубивме во еден тесен меч, мислам дека ја имавме контролата, но одлучија тие последни две-три минути. Против Унгарија мора да се држиме до планот и да бидеме агресивни во одбраната.
Играта под кошевите беше мал проблем на мечот со Романија, тоа веројатно беше најголемиот минус. Токму тука го загубивме натпреварот, но се надевам дека против Унгарија приказната ќе биде поинаква.
Секако дека очекувам победа, бидејќи знам дека можеме да дадеме повеќе. Напредуваме со секој изминат тренинг и растеме како екипа. Ова е млад тим, така што, очекувам подобри резлтати во иднина“, изјави Митревски.
Македонија ќе излезе на мегдан против Унгарија на деветти август. Почетокот на мечот е закажан за 18:00 часот.