Одбојкарската Федерација на Македонија и семејството Хаџииљоски по 49-ти пат ќе бидат организатори на меѓународен меморијален турнир „Бранко Хаџииљоски-Чајка“, кој на од петти до седми август ќе се одржи во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
Меморијалот, кој премина во традиција и е константен во годишниот календар на ОФМ и оваа година се става во функција на машкиот сениорски национален тим на Македонија. Турнирот кој ни следи го најави селекторот Јошко Миленкоски, кој кажа дека мечевите ќе бидат добри за подготовка за новите предизвици.
„Задоволството е големо што ќе го имаме овој турнир во рамки на подготовките за евроквалификациите и обидот четврти пат во низа да играме на ЕП и да оствариме најголем успех во нашата историја. Целиот цилус на подготовки трае 32 дена, со 38 тренинзи и четири контролни мечеви. Самото учество на овој турнир ќе ни даде да ја постигнеме формата за решавачките мечеви. Ќе играме на еден од најпрестижните турнири во овој регион, императивот ќе биде победа, со цел да бидеме спремни за финалните мечеви за пласман на Европското првенство со Грција и Грузија“, изјави Миленкоски.
Прв ривал на Македонија ќе биде селекцијата на Швајцарија (петти август од 17:45 часот“, следниот ден ќе се судрат селекциите на Швајцарија и Бугарија, а на затворањето на турнирот Македонија ќе се соочи со Бугарија. (седми август од 19:00 часот). Влезот за сите натпревари во салата ќе биде слободен.