Министерот за здравство Азир Алиу во гостување во вестите на Канал 5 ја потенцираше важноста од инвестирање во трите суштински столба – инфраструктура, кадар и дигитализација, со посебен фокус на надградба на националниот електронски систем Мој термин.
-Мој термин како алатка досега беше само за закажување термини, сега веќе не е така, ќе има неколку модули коишто досега се направени и ќе продолжиме да креираме нивна надградба. Идејата е Мој термин да ги интегрира сите постојни процеси и да креира нови. Пристапот ќе мора да оди чекор по чекор, затоа на една од седниците на Влада усвоивме национална стратегија за дигитална трансформација на здравството. Дефиниран е тој патоказ и моментално правиме мапирање и проценка на целата инфраструктура во државата, бараме од сите директори опис на инфраструктурата, на потребите од аспект на кадровски капацитети и технологии. После тоа, сакаме транспарентноста на здравствениот систем да биде на ниво, бидејќи таа доверба е посебно значајна, истакна министерот Алиу.