Кафето одамна е интегрален дел од секојдневието на многу луѓе во Македонија – ритуал што го означува почетокот на денот и нуди моменти на спокојство и друштвеност.
Умереното пиење кафе има свои придобивки, особено кога станува збор за менталната будност и располoжението. Но, границата меѓу придобивките и ризиците е тенка и често незабележлива. Колку и да ни изгледа привлечно уште едно кафе во попладневните часови, премногу кофеин може да го наруши нашето здравје и добросостојба.
Но, како да знаеме дека претеруваме? Токму преку внимателното следење на одредени симптоми и секојдневни навики, можеме да разбереме кога нашето тело испраќа сигнали дека е време да намалиме со пиењето кафе.
Како да препознаете дека претерувате со пиење кафе?
Сосема е можно да не ни биде јасно кога кафето од пријатна навика може да премине во извор на непријатности – првенствено затоа што знаците се појавуваат постепено, често маскирани како секојдневен стрес или обична замореност.
Одеднаш можеме да почувствуваме немир, зголемена анксиозност или раздразливост по што, наместо задоволство, кафето нѐ остава со чувство на нервоза.
Проблемите со спиењето се уште поочигледен сигнал – кога долгото вртење во кревет или површниот сон стануваат правило, а не исклучок, најчесто зад тоа се крие доцна испиеното кафе што не ни дава мир.
Има и физичка страна на симптомите – срцевиот ритам се забрзува, чувствуваме топка во градите или палпитации, а на моменти може да ни се појави и главоболка или треперење на рацете, најчесто во попладневните часови.
Кафето има и диуретичко дејство, па зачестеното одење во тоалет во споредба со вообичаеното, исто така, може да биде дел од оваа слика. Сите овие симптоми не значат веднаш дека мора целосно да се откажеме од кафето, туку дека е време да направиме промени во начинот, времето и количината на неговата консумација.
Препознавање на симптомите – кога се појавуваат?
Утрото и попладнето се клучни периоди кога можеме најлесно да ги препознаеме знаците на претеран внес на кафе. Ако денот ви почнува со блага нервоза или раздразливост, и пиете кафе веднаш штом се разбудите за да го надминете заморот, тоа може да биде сигнал дека сте развиле кофеиинска зависност и дека вечеринскиот сон веќе не е квалитетен. Со време, телото ја користи потребата за кафе како аларм, со што природните ритми на будење и спиење се нарушуваат.
Во попладневните часови, ситуацијата е уште поочигледна: доколку по второто или третото кафе се јави чувство на слабост, главоболка, нејасна концентрација или треперење, тоа е јасна најава дека кофеинот го надминал вашиот праг на толеранција.
Честопати, доколку пиете кафе после 14 или 15 часот, ќе забележите дека заспивањето доцни, а дури и кога ќе заспиете, сонот е плиток и не ве освежува. Оваа наизглед мала промена во дневната рутина може сериозно да влијае на целиот организам, вклучувајќи го и нивото на енергија и расположение следниот ден.
Кога да го испиете првото и последното кафе?
Постои научно заснована препорака за тоа кога е најдобро да се испие првото утринско кафе: околу 90 минути по будење, тогаш кога нивото на кортизол (хормонот на стрес) природно почнува да опаѓа. Пиењето кафе веднаш по станување, кога организмот и онака е подготвен природно да се активира, често води до брзо чувство на анксиозност или вознемиреност, бидејќи кафето го зголемува ефектот на веќе присутниот стрес-хормон.
За разлика од утрото, последното кафе најдобро е да се испие најдоцна до средината на попладнето, бидејќи кофеинот долго престојува во организмот – неговиот полуживот изнесува пет до шест часа. Ова значи дека дури и кога мислите дека последното кафе е безопасно, дел од кофеинот сѐ уште делува на вашиот нервен систем во доцните вечерни часови, што честопати е причина за нарушен сон и дневна исцрпеност.
Корисни совети како умерено да пиете кафе
Доколку забележите дека доживувате некој од посочените симптоми, размислете за пауза од кафе или за постепено намалување на количината.
Не е препорачливо да го започнувате денот со кафе на празен стомак; комбинацијата со појадок го намалува ризикот од нервоза и дехидратација.
Во текот на денот важно е да пиете доволно вода, бидејќи кафето може да го извади организмот од водената рамнотежа.
Ако имате хронични здравствени проблеми или пиете лекови што можат да влезат во интеракција со кофеинот, задолжително консултирајте се со лекар кој ќе ви препорача соодветна дневна доза.