Свет Сирија

Сирија прогласи прекин на огнот во Свеида по секташките судири и израелскиот напад

Сирискиот министер за одбрана Мурхaф Абу Касра денеска прогласи прекин на огнот откако владините сили влегоа во стратешкиот град во провинцијата Свеида, еден ден по смртоносните секташки судири во кои загинаа десетици лица, а беше регистриран и израелски напад во регионот.

Сирија прогласи прекин на огнот во Свеида по секташките судири и израелскиот напад

Сирискиот министер за одбрана Мурхaф Абу Касра денеска прогласи прекин на огнот откако владините сили влегоа во стратешкиот град во провинцијата Свеида, еден ден по смртоносните секташки судири во кои загинаа десетици лица, а беше регистриран и израелски напад во регионот.

Абу Касра соопшти дека по „постигнат договор со локални угледни личности и верски достоинственици“, владините сили ќе реагираат само на извори на оган и ќе одговорат на секој напад од „одметнички групи“.

Судирите избувнале по серија киднапирања и напади меѓу припадници на локални сунитски бедуински племиња и вооружени фракции на Друзите, предизвикувајќи страв од нов бран секташко насилство. Дополнително, се зголеми загриженоста за можно проширување на израелското воено влијание во регионот.

Владините сили кои беа испратени за воспоставување ред, исто така влегле во судир со друзиските вооружени групи. На социјалните мрежи се појавија видеоснимки на кои се гледаат вооружени лица како малтретираат заробени Друзи, извикувајќи секташки пароли.

Израел денеска нападна тенк на сириската армија, соопштувајќи дека дејствувал за да ја заштити верската група Друзи. Во Израел, Друзите се сметаат за лојална малцинска заедница и често служат во израелската армија.

Сириската државна новинска агенција САНА не објави детали за нападот, но Сириската опсерваторија за човекови права соопшти дека израелски проектил погодил тенк на владините сили додека се придвижувале подлабоко во градот Свејда. Израелската војска не даде официјален коментар.

Претходно во текот на денот, духовни водачи на друзиската заедница во Сирија повикаа вооружените групи да го положат оружјето и да соработуваат со властите. Меѓутоа, еден од водечките религиски авторитети, шеик Хикмат ел-Хиџри, подоцна во видео порака го повлече повикот, изјавувајќи дека властите во Дамаск го прекршиле договорот и продолжиле со неселективно гранатирање на цивилни цели.

Командантот на внатрешната безбедност во провинцијата Свејда, генерал Ахмад ал-Далати, ја поздрави првичната изјава на духовните водачи и ги повика сите верски и општествени лидери „да усвојат заеднички национален став“ што ќе ги поддржи напорите на Министерството за внатрешни работи за воспоставување државна власт и стабилност низ целата провинција.

Друзите се религиска малцинска заедница што настанала во 10. век како огранок на исмаилизмот – гранка од шиитскиот ислам. Од околу еден милион Друзи во светот, повеќе од половината живеат во Сирија, а останатите главно во Либан и Израел, вклучувајќи ја и Голанската висорамнина, која Израел ја освои од Сирија во војната од 1967 година.

To top