– Важно е да се искористи моментумот создаден со новите пораки на американскиот претседател Доналд Трамп поврзани со санкциите кон Русија и испораката на оружје за Украина, изјави денеска шефот на данската дипломатија Ларс Локе Расмусен пред почетокот на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел.
– Долго време се залагам за трансатлантски пристап и треба многу повеќе да ја притиснеме руската економија. Мислам дека еден од клучните елементи во пакетот санкции е ограничувањето на цената на нафтата, рече Рамусен, чија земја е актуелен претседавач со Советот на ЕУ.
Тој изрази надеж дека „ако не денеска, тогаш утре“ земјите членки на ЕУ ќе постигнат консензус за усвојување на новиот 18-ти пакет санкции кон Русија.
– Треба да ги здружиме силите и затоа од клучно значење е Европа сега да се согласи за овој 18-ти пакет санкции, додаде данскиот министер за надворешни работи.
На прашање за коментар на предлогот на Трамп „европските земји да плаќаат за испораката на оружје“ на Украина, Расмусен рече дека тоа е во согласност со „данскиот модел“ од пред една година, врз основа на кој Данска директно вршеше набавки од украинската одбранбена индустрија за потребите на Киев.
– Ова е само алтернативна верзија на тоа, па затоа ние сме подготвени да учествуваме. Секако не можеме сами и треба сите да се здружиме. Но, ние сме подготвени и со гордост можам да кажам дека сме најголемите поддржувачи на Украина по глава на жител, рече Расмусен.