Во центарот на Берово наскоро ќе започне изградбата на нова мултифункционална сала во склоп на Домот на културата „Димитар Беровски“, соопштија од Општина Берово.
Проектот, вреден 115.354.817 денари (приближно 1,9 милиони евра), е дел од вториот повик на Владата на Република Северна Македонија за поддршка на инфраструктурни проекти од областа на културата за 2025 година.
-Од вкупната вредност, одобрени се 90.414.225 денари, при што за 2025 година се предвидени 19.680.365 денари. Со проектот се предвидува изградба на модерен, енергетски ефикасен објект, на местото на постоечката и дотраена кино сала. Новиот простор ќе располага со современа аудио-визуелна и сценска опрема, прилагоден за организирање на концерти, театарски претстави, конференции, филмски проекции и други културни настани, информираа од локалната самоуправа.
Изградбата на салата, според нив, претставува значаен чекор за културниот и урбан развој на Берово и поширокиот Малешевски регион.
-Проектот има за цел создавање динамичен и мултифункционален простор кој ќе биде центар за собирање, учење и размена на идеи, со фокус на културата, образованието и семинарскиот туризам, велат од Општина Берово.
Оттаму посочуваат дека овој проект долго време бил еден од клучните приоритети, често посочуван од граѓаните, особено младите, и претставува нов импулс за развој на туризмот и културниот живот во регионот.