Повеќето Украинци веруваат дека САД ќе продолжат да испорачуваат оружје на Украина, иако со ограничувања. Истовремено, довербата на граѓаните во домашните воени и политички лидери останува висока, но довербата во ефикасноста на преговарачката стратегија на Украина опаѓа. Ова го покажа новото истражување на јавното мислење спроведено на 4 и 5 јули 2025 година од агенцијата „Рејтинг груп“ на примерок од 1.000 испитаници од сите региони на Украина, освен привремено окупираните територии и зоните без мобилна мрежа.
Повеќето Украинци, покажува анкетата, веруваат дека САД ќе продолжат да испраќаат оружје. Само осум отсто од Украинците веруваат дека САД повеќе нема да испраќаат никаква воена помош. Спротивно на тоа, 11 отсто веруваат дека испораките ќе продолжат со полн обем. Најголемиот број испитаници, 53 отсто, очекуваат помошта да биде „делумна“, додека една четвртина очекуваат само минимално ниво на американска поддршка.
Оценката на работата на украинскиот преговарачки тим се влоши во изминатиот месец. Во јуни, 48 отсто од испитаниците верувале дека преговарачите „прават сè што можат“ за да постигнат мир, но во јули овој удел паднал на 36 отсто.
Сепак, довербата во претседателот Володимир Зеленски останува стабилна – над 60 отсто од испитаниците веруваат дека тој лично вложува максимални напори за завршување на војната.
Највисоко ниво на доверба меѓу украинските граѓани уживаат воените и политичките лидери поврзани со одбраната на земјата. Според податоците од истражувањето, генералот Валериј Залужни е сè уште најдоверливата јавна личност, и покрај фактот дека тој повеќе не ја држи функцијата врховен командант.
Валери Залужни 73 отсто
Володимир Зеленски 67 отсто
Кирил Буданов 56 отсто
Олександр Сирски 41 отсто
Денис Шмигал 25 отсто
Залужни, поранешен командант на вооружените сили на Украина, продолжува да има силна јавна поддршка, додека шефот на военото разузнавање Кирил Буданов ужива доверба кај повеќе од половина од испитаниците. Сегашниот командант на вооружените сили, Олександр Сирски, има значително пониско ниво на доверба, додека само една четвртина од граѓаните му веруваат на украинскиот премиер Денис Шмигал.
Истражувањето е спроведено со методот на компјутерски потпомогнати телефонски интервјуа (CATI) и го вклучува возрасното население на Украина во сите региони освен Крим, Донбас и териториите без украинска мобилна мрежа. Маргината на грешка во земањето примероци се проценува на најмногу ±3,1 отсто, со ниво на доверба од 95 отсто.
Резултатите се репрезентативни според возраста и полот на испитаниците, типот на населбата, а се пондерирани според тековните податоци на Државниот завод за статистика на Украина.