Формула 1 тимот Ред Бул денеска неочекувано му врачи отказ на својот долгогодишен прв човек, Кристијан Хорнер, кој две децении беше на чело на тимот предводен на патеката од четирикратниот последователен светски шампион, Макс Верстапен.
Хорнер беше на чело на Ред Бул од 2005 година и во тој период му помогна на тимот да освои шест шампионски титули во конкуренција на конструкторите и осум кај возачите.
Лоран Мекиес, кој беше унапреден од Рејсинг Булс, е назначен за нов извршен директор на Ред Бул Рејсинг.
Изминатите 18 месеци Хорнер минуваше низ турбулентен период на патеката и надвор од неа.
Во февруари 2024 година против Хорнер од негова колешка беа поднесени обвиненија за несоодветно однесување, а истите беа отфрлени по жалбата минатото лето. Хорнер ги негираше сите обвинувања уште од самиот почеток.