Свет Украина

Антикорупциска операција: Истрага против поранешниот украински министер за одбрана Резников

Нов скандал избувна по откривањето дека Министерството за одбрана склучило договор со турска компанија за набавка на зимска облека, која била платена трипати повеќе од реалната цена – а наместо зимска, била испорачана летна опрема.

Антикорупциска операција: Истрага против поранешниот украински министер за одбрана Резников

Националното антикорупциско биро на Украина (НАБУ) спроведе претреси во домот на поранешниот министер за одбрана Олексиј Резников, при што биле запленети телефон и повеќе документи, јавуваат повеќе украински медиуми, меѓу кои и „Украинска правда“.

Според информациите на медиумите, истрагата најверојатно се поврзува со скандалот за набавка на храна за украинската армија по „надуени“ цени. Точниот список на одземени документи сè уште не е објавен, а НАБУ засега не дава коментар.

Мандатот на Резников беше проследен со неколку контроверзии. Една од најпознатите беше случајот познат како „Јајца за 17“ – во кој Министерството за одбрана купувало јајца по цена од 17 гривни за едно, додека пазарната цена била околу 7 гривни. Цените во другите договори за основни производи исто така биле двојно или тројно повисоки од реалните.

Во врска со тие случаи, неколку службеници беа обвинети. Во јануари, лидерот на пратеничката група на „Слуга на народот“, Давид Арахамија, најави можно преместување на Резников на функцијата министер за стратешки индустрии, додека на негово место требаше да дојде шефот на воената разузнавачка служба Кирило Буданов. Но, следниот ден тој изјави дека нема да има промени во раководството на Министерството за одбрана.

Нов скандал избувна по откривањето дека Министерството за одбрана склучило договор со турска компанија за набавка на зимска облека, која била платена трипати повеќе од реалната цена – а наместо зимска, била испорачана летна опрема.

На прес-конференција, Резников покажа неколку од јакните од таа пратка и ги негираше наводите: „Ако беа летни, 140.000 војници ќе ни го кажаа тоа во зима“.

По објавувањето на истрагата, Украинска правда објави дека претседателот Володимир Зеленски почнал да бара нов кандидат за министер за одбрана.

На 3 септември, Зеленски најави дека Резников ќе биде заменет со Рустем Умеров, кој тогаш го предводеше Државниот имотен фонд. На 5 септември, Врховната Рада го разреши Резников од функцијата министер за одбрана.  (МИА)

To top