Гугл ја започна најагресивната кампања досега против блокаторите на реклами, значително менувајќи го искуството на гледање содржини на YouTube. Корисниците со активен ad blocker се соочуваат со намерно забавена репродукција и појава на црн екран наместо видеа.
Во последните години значително се зголеми бројот на непрескокливи реклами, а минатата недела Гугл почна да ги блокира видеата кај корисниците што користат ad blocker-алатки. Според компанијата, тие го кршат правилникот на платформата.
Наместо реклами — црн екран и попап пораки
Новата стратегија оди чекор подалеку — видеата се паузираат, а се појавува црн екран со порака: „Experiencing interruptions? Find out why.“ Корисниците пријавуваат паузи од 5 до 10 секунди на почетокот од секое видео и попап пораки што ги упатуваат кон техничката поддршка на Гугл.
YouTube воведе и систем на предупредувања — по гледање три видеа со блокатор, следува целосна блокада на пристапот до содржините.
„Игра на мачка и глушец“
Од AdGuard велат дека ова е класична „игра на мачка и глушец“, бидејќи корисниците постојано наоѓаат начини да ги заобиколат рекламите, а Гугл ги менува техничките ограничувања.
Очигледно е дека Гугл се обидува да ги поттикне корисниците да се претплатат на YouTube Premium или да прифатат поагресивни реклами – што кај многумина веќе предизвикува незадоволство.