Политиките на ЕУ кон регионот на Западен Балкан се лакмусов тест за нејзината глобална амбиција да стане поефективен глобален играч, изјави заменикот министер за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски во обраќањето на научно-стручната конференција на тема: „Кон безбедна евроатлантска зона во глобализиран свет: Поврзаноста меѓу безбедноста и владеењето на правото“ организирана од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и Државниот Универзитет во Тетово.
-Европскиот континент, нашиот споделен дом, се соочува со досега невидени предизвици – војната во Украина надополнета со пошироките геополитички тензии и несигурност ја покажаа длабоката ранливост на европската безбедноста архитектура. Тоа создава вонреден притисок врз целата евроатлантска заедница да реагира на кохерентен и принципиелен начин. Во овој променлив контекст Европа се соочува со критични избори за нејзината идна улога. Амбицијата на ЕУ да ја зајакне својата геополитичка и геоекономска позиција, и да стане поефективен глобален играч е навремена и неопходна. Потребна ни е силна и обединета ЕУ која цврсто стои во одбрана на меѓународниот поредок втемелен на правила. Но, цврсто веруваме дека овие аспирации почнуваат тука, на Западниот Балкан, регион кој гледа кон ЕУ со надеж и определување да и се приклучи. Тоа е регион кој веќе е длабоко интегриран во области како трговија, инвестиции, енергетска конективност и надворешната и безбедносна политика. Токму затоа политиките на ЕУ кон овој регион се лакмусов тест за нејзината глобална амбиција. За ЕУ да делува одлучно тука, тоа не е само стратешки туку и геополитички императив, рече Димитровски.
Тој меѓу другото нагласи дека во контекст на справување со новите софистицирани закани и светот кој станува се повеќе мултиполарен, владеење на правото не е само правен или морален идеал, туку стратешко средство за националната и колективната безбедност. Toa e, вели, и клучен столб во балансот на меката и тврда безбедност каде воената подготвеност, разузнавачките капацитети и одвраќањето се суштествени и мора да се базираат на робусни демократски институции, независно судство и транспарентно владеење.
-Од македонска перспектива свесни сме дека има уште многу да се работи за да се постигнат неопходните европски стандарди. Нема скратени патеки и претстојат уште многу предизвици, но посветени сме да работиме напорно на унапредување на секоја област. Токму затоа потребен ни е процесот на интеграција во ЕУ, не како цел туку како водич и поддршка кон нашата забрзана трансформација во согласност со споделените европски вредности, рече Димитровски.
Петра Дрекслер, амбасадорка на Сојузна Република Германија ја нагласи важноста на трансатлантското партнерство во контекст на безбедносните предизвици, но и подготвеноста на ЕУ значајно да ги зголеми вложувањата во одбраната и безбедноста, со цел да го заштити мирот и сигурноста на континентот како врвен приоритет.
-На претстојниот самит на НАТО ќе се фокусираме на тоа како натаму да го зајакнеме нашето сојузништво. Во Берлин и другите европски главни градови постои подготвеност да се первземе поголема одговорност за нашата сопствена безбедност. Потврда се тековните разговори за нови инструменти со цел брзо и значајно да ги зголемиме трошењата во одбранбените капацитети. Но не е во прашање само инвестирањето во одбраната, туку и во партнерствата, а трансатлантското партнерство е камен темелник на нашата безбедност и слобода со децении. Од европска и германска перспектива ние цврсто веруваме во ова партнерство, бидејќи слободата, просперитетот и сигурноста се наши споделени цели. Ако сакаме да ги постигнеме овие цели потребна ни е силна Европа, обединета и целосно решена и способна за акција и за солидарност со Украина, за европската безбедност и за заедничка иднина со силно трансатланско сојузништво, порача амбасадорката Дрекслер.
Бен Нупнау, заменик-шеф на Делегацијата на Европската Унија во Македонија, ја потенцира важноста на владеењето на правото, борбата против организираниот криминал и корупцијата како и на улогата на евроинтеграциите во зачувувањето на нашите демократии.
-Безбедноста на евроатлантската област не се постигнува само со оружје и партнерства, туку и преку легитимните институции, функционални судови и доверба во институциите кои го спроведуваат законот согласно владеење на правото и кои служат на граѓаните. Македонија со континуирана поддршка од ЕУ напредува кон оваа цел на опиплив начин преку модернизација на полициските сили, обезбедување на границите до постигнување дигитална отпорност. Овие реформи се инвестиција не само во националната безбедност, туку и стратешки придонес кон заедничката визија за побезбедна и подемократска Европа, чиј клучен дел е и Македонија, рече Нупнау.
На форумот посветен на актуелните безбедносни предизвици со кои се соочува евроатлантскиот регион се обратија и ректорите на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битолa и на Универзитетот во Тетово, Игор Неделковски и Јусуф Зејнели.
Целта на дводневната конференцијата е да поттикне конструктивен дијалог на претставници на академската заедница, институции, експерти и на граѓанското општество за сложениот однос помеѓу безбедноста и владеењето на правото, испитувајќи како овие два столба можат меѓусебно да се зајакнат во стремежот кон стабилна и отпорна евроатлантска област.