Според хинду-верувањата, целиот свет потекнува од планината Кајлаш… Таа се наоѓа во западниот дел на Тибет и е едно од најсвештените, но и најнепристапните места во светот.
Со височина од 6.714 метри е пониска од највисоката планина на светот – Монт Еверест (8.849 метри), но оваа планина, инаку долга 52 километри, сè уште останува неосвоена. Иако и според официјалните податоци никој не го достигнал нејзиниот врв, тибетските преданија раскажуваат поинаква приказна… Според неа, тибетскиот свештеник Миларепа, кој наводно успеал да се искачи на планината во 11 век, кога се вратил, ги предупредил другите никогаш да не го сторат тоа, зашто „тоа го вознемирува богот што почива на нејзиниот врв“.
Има и две други причини за ова. Како прво, Кајлаш е многу недостапна средина, па физичкиот предизвик за искачување на планината се смета за речиси невозможен.
Стрмните, речиси вертикални падини и постојаната снежна покривка се доволна причина поради којашто не се препорачува освојување на планината. Предвид се земаат и силните ветрови и суровите временски услови – дополнителна опасност за потенцијалните планинари.
И покрај овие опасности, во минатото имаше обиди за искачување на планината Каилаш коишто завршија неуспешно. Како уште една причинаа причина се наведува и тоа што планината е место за поклонение на четири верски заедници. И затоа искачувањето е забрането. Покрај хиндусите, планината е свето место и за будистите, џаинистите и за припадниците на тибетската религија бон.
Искачувањето на оваа мистична планина за многумина би било импресивно достигнување, но Кајлаш, се чини, сепак, ќе остане неостварлив сон на авантуристите ширум светот. (МИА)