Европската комисија денеска предложи Стратегија за стабилност и безбедност на регионот на Црното Море, која има за цел зајакнување на врските на Европа со Јужниот Кавказ, Централна Азија и поширокото опкружување.
Дополнително, со стратегијата се очекува да зајакне геополитичката улога на ЕУ како сигурен актер на регионот на Црното Море, во услови на руската агресија врз Украина.
– Денеска усвојуваме нова Стратегија за Црното Море, регион кој е од големо стратешко значење за ЕУ и во кој има многу земји кои се борат за членство во Унијата. Во услови на нарушување на воздушниот простор од страна на Русија, напади врз пристаништа и бродските рути и постоење на поморски мини, во преден план на оваа Стратегија е подобрување на безбедноста на регионот, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.
Таа нагласи дека со Стратегијата се предлага создавање на нов Центар за поморска безбедност, преку кој ќе се обезбеди зајакнување на одговорот на ЕУ на предизвиците и подобрување на транспортната инфраструктура и воената мобилност.
– На тој начин војниците и опремата ќе можат да бидат таму каде што се потребни и кога се потребни. Намерата е и да ги зајакнеме нашите активности за борба против хибридните закани, чија главна цел е Црното Море, додаде Калас.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос, пак, порача дека идејата за изработка на оваа Стратегија, поаѓа од фактот што Црното Море е пред прагот на ЕУ и повеќе нејзини земји членки и кандидати за членство излегуваат на неговите брегови.
– Сакаме да развиеме нови енергетски, транспортни и дигитални коридори во регионот, кои ќе не поврзат со Кавказот и Централна Азија. Подобрата регионална поврзаност ќе создаде нови можности за трговијата и бизнисите, рече Кос.
Според неа, оваа Стратегија треба да помогне и во диверзификацијата на снабдувањето со енергија, преку користење на енергетски извори надвор од Русија, со што и Европа и нејзините партнери во регионот ќе бидат побезбедни и ќе имаат економска корист.
– Го интензивираме нашиот ангажман и градиме партнерства во регионот на Црното Море, инвестирајќи во заедничка иднина заснована на безбедност, просперитет и отпорност, додаде Кос.
Во рамки на Стратегијата се предвидува ЕУ да воспостави поблиска соработка со Украина, Молдавија, Грузија, Турција, Ерменија и Азербејџан и да ја интензивира регионалната соработка во областа на инфраструктурната поврзаноста и усогласувањето со политиките на Унијата, имајќи предвид дека дел од овие земји „избраа да го следат патот на пристапување кон ЕУ“.
– Денешната стратегија има за цел да донесе видливи придобивки и за партнерите од Црното Море и за ЕУ, преку инвестирање во и продлабочување на клучните заемно корисни партнерства, посочува Европската комисија.
Соработката предвидена со Стратегијата се базира на зајакнување на безбедноста, стабилноста и отпорноста, поттикнување на одржливиот раст и развој и промовирање на заштитата на животната средина, отпорноста на климатските промени и цивилната заштита.
Покрај создавањето на веќе споменатиот Центар за поморска безбедност на Црното Море, Стратегијата предвидува и изработка на Агенда за поврзување на транспортните, енергетските и дигиталните мрежи и мерки за справување со штетите по животната средина предизвикани од војната во Украина и климатските промени.
– Надоградувајќи се на својата единствена позиција како мост помеѓу Европа, Јужниот Кавказ, Централна Азија и Источниот Медитеран, Црното Море може да послужи како камен-темелник на стабилноста, одржливиот развој и поврзаноста преку партнерства од заеднички интерес. Стратешкиот пристап на ЕУ има за цел да го ослободи потенцијалот на регионот врз основа на мировните напори и почитувањето на меѓународниот поредок во однос на владеењето на правото и меѓународното право. Новиот стратешки пристап е вкоренет во аспирациите на луѓето да живеат во безбедна, сигурна и попросперитетна средина. ЕУ ќе го спроведе новиот стратешки пристап кон Црното Море во синергија со процесот на проширување и политиката на Источното партнерство, што обезбедува добро воспоставена рамка за соработка, додава ЕК.