Првиот вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити најави дека на вечерашната седница на Централното претседателство на ВРЕДИ, Арбен Фетаи ќе биде вклучен во партиското раководство и ќе остане вицепремиер за добро владеење, а Азир Алиу ќе биде нивен предлог за нов министер за здравство по оставката на Арбен Таравари и неговата одлука да замине во опозиција.
-Влен е комплетиран, вечерва ќе се вклучат и 10 членови од Алијанса на Албанците на чело со Арбен Фетаи во претседателството на ВРЕДИ. Исто така е дефинирано тие да бидат дел од претседателството на Влен, значи да ја тераме битката за локалните избори, битката за новата победа. Воедно, Фетаи останува вицепремиер за добро владеење, додека од ВРЕДИ е предлогот Азир Алиу да биде министер за здравство. За другите позиции во Владата ВРЕДИ ќе одлучи во наредните денови, рече Меџити.
Претходно денеска од ВРЕДИ објавија соопштение во кое ја поздравија одлуката на членовите на АА кои избрале да им се приклучат оценувајќи ја како чин на граѓанска одговорност, вреден придонес во процесот на длабока трансформација кој, се наведува, заедно го започнале.
-Во време кога личните интереси и пазарењето зад затворени врати се обидуваа да ја деформираат волјата на 107.000 албански гласачи, овие претставници покажаа дека политичкиот интегритет не може да се купи или отуѓи. Пратеници, министри, директори, високи партиски функционери, раководители на ограноци, раководители на младински форуми и женски форуми, активисти од сите региони јасно и недвосмислено артикулираат дека не се со кланот и планот на Али Ахмети, туку со граѓаните, со надежта и со проектот за промени, стои во соопштението… Започнавме неповратен процес за да донесеме надеж таму каде што беше згасната, да им дадеме глас на оние кои беа игнорирани и да ја вратиме државата во служба на граѓанинот. Добредојдовте во заедничкиот дом на промените!, стои во соопштението.
Вицепремиерот Фетаи, кој е дел од коалицијата „ВРЕДИ“, придружуван од поранешниот министер за информатичко општество и администрацијана Азир Алиу вчера на прес-конференција официјално соопшти дека тој останува дел од Владата.