Во име на Партијата на Власите од Македонија и во мое лично име, на сите Власи од Македонија и насекаде каде што живеат, им го честитам Националниот Ден на Власите – 23ти мај, денот кога нашиот народ се стекна со основните човекови права кои му припаѓаат на секој човек, денот кога ние Власите за прв пат бевме признаени како посебен народ. Годинава се навршуваат 120 години од прогласувањето на документот ИРАДЕ со кој ние Власите ги добивме сите права, за образование на мајчиниот јазик, за богослужба на влашки јазик, инспектори Власи беа поставени во училиштата, се стекнавме со правото да издаваме литература на влашки јазик, како и многу други основни права кои му припаѓаат на секој поединец.
Но, годинава одбележуваме и 80 години од завршувањето на Втората Светска Војна, и тоа ни дава за право да се потсетиме на значајната улога на Власите во борбата за основните вредности, слободата, правдата и достоинството. Со посебна гордост се присеќаваме на сите револуционери со влашко потекло кои го дадоа својот живот и кои со својата храброст придонесоа за поставување на темелите на македонската држава. Како и сега, така и во тој период, Власите ја изразија својата желба да опстојат на овие простори, и се залагаа за развој и промовирање на мајчиниот јазик, влашката култура и влашкиот идентитет.
Правото на идентификација е основа на човековите права, исто како што прашањето за идентитетот е прашање на достоинство на секој човек. Токму затоа, само ние можеме да кажеме кои сме и што сме. Како и до сега, така и во иднина ќе се бориме во
пракса да ги реализираме сите основни права кои се предвидени со документот ПРЕПОРАКА 1333 од јуни 1997г., документ со кој Советот на Европа им препорачува на државите со поголема концентрација на Власи да им ги гарантираат сите права, со цел да не исчезне Влашкиот род.
Силно посветени на нашите заложби за опстојување на овие простори, на сите кои припаѓаат на влашката заедница, им го честитаме Националниот Ден на Власите – 23ти мај.
Нека е за многу години!
Мр.Стерјо Папули
Претседател на Партијата на Власите од Македонија