Министерот за правда Игор Филков присуствуваше на промоција на надградениот систем за електронски надзор во тренинг центарот на КПД Идризово.
Овој процес кој е резултат на сериозна работа и посветеност на Министерството за правда, Управата за извршување на санкциите и поддршката од нашите партнери, претставува чекор напред во реализацијата на европските стандарди за извршување на казните и унапредување на човековите права.
-Електронските алки не се само технолошки уреди – тие се алатка за реформа.Тие се симбол на една нова, современа пробациска политика. Преку нивното користење, овозможуваме: Алтернатива на затворот, Намалување на пренатрупаноста во казнено-поправните установи, Подобра ресоцијализација и Поголема безбедност за граѓаните. Ова не е само техничка надградба – тоа е јасна определба дека правдата може да се спроведува со достоинство и почитување на човековите права, истакна министерот Филков.
Дополнително, со новиот Закон за пробација, чиј предлог е веќе подготвен во Министерството за правда, многу скоро ќе биде објавен на ЕНЕР, воспоставуваме правна рамка која овозможува поширока примена на куќен притвор, условен отпуст и ресторативна правда, сето тоа под буден, но хуман надзор.
-Со тоа,ги охрабруваме надлежните да пристапат кон пробацијата многу похрабро за во иднина заеднички да ја отстраниме црната дамка која што беше фрлена досега на изречените мерки- куќен притвор. Довербата и сигурноста во системот мораме да ги вратиме. Ќе продолжиме да работиме на реформи кои носат вистинска промена, и ќе изградиме правосудство кое е достапно, правично и во служба на граѓаните порача министерот за правда.