Македонија Министерство за социјална политика, демографија и млади

Лимани: Независно од предизвиците со кои се соочува нашата земја, да создадеме услови сите луѓе да го остварат својот потенцијал

Продолжуваме да бележиме напредок во родово одговорното буџетирање преку подобрување на институционалните механизми во Ресурсниот центар за креирање политики и родово одговорно буџетирање. Над 500 лица беа обучени за теми поврзани со родовата еднаквост и недискриминацијата, рекол Лимани.

Лимани: Независно од предизвиците со кои се соочува нашата земја, да создадеме услови сите луѓе да го остварат својот потенцијал

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани учествуваше на шеснаесеттиот пленарен состанок на Секторската работна група во областите образование, вработување и социјална политика во Владата на Република Македонија, соопштија од неговиот Кабинет.

Во своето обраќање пред присутните лица од институциите, меѓународниот и граѓанскиот сектор, министерот Лимани, како што соопшти неговиот Кабинет, се осврнал на заложбите и политиките на Министерството за социјална политика, демографија и млади кое е насочено кон креирање на конкретни политики и мерки за демографска ревитализација на државата преку поддршка на семејствата, инвестиции во предучилишно воспитание и подобрување на условите за живот.

– Во 2025 година продолживме со зајакнување на социјалната заштита преку усогласување на социјалните права со трошоците за живот и зголемување на поддршката за 33.266 семејства. Согласно потребите на граѓаните од најранливите категории и лицата кои се соочуваат со поголеми тешкотии при интеграција на пазарот на труд, во 2025 година е предвидена измена на Законот за социјална заштита, истакнал Лимани.

Тој посочил дека оваа измена предвидува процентуално намалување на износот на загарантираната минимална помош, за период до 12 месеци и претставува охрабрување на членовите на семејството да се активираат на пазарот на трудот.

-Исто така, бележиме понатамошно подобрување на пристапот до социјалните услуги – сега има 140 лиценцирани даватели на социјални услуги за повеќе од 5.000 корисници, претежно стари лица и лица со попреченост, нагласил Лимани.

Тој истакнал дека бројот на склучени административни договори, е зголемен за околу 20 отсто, а со тоа во 2025 година достигна 83 договори со лиценцирани даватели на социјални услуги.

Лимани информирал и за новиот интегриран информациски систем за социјална заштита, кој веќе се пилотира во неколку Центри и кој треба да ја подобри квалитетот и ефикасноста на социјалната работа. Понатаму, за инвестиции во зголемување на капацитетите на градинките чиј број до 2028 година ќе достигне над 25 детски градинки – со цел вклучување на секое дете во предучилишното образование.

Министерот се осврнал на политиките за млади.

-Според податоците, 34.8 отсто од младите се невработени, а голем дел од нив не се вклучени ниту во образование, ниту во обука. Наша обврска е да создадеме средина во која тие ќе можат да го реализираат својот потенцијал тука, без да бараат можности надвор од својата земја. Затоа, како министер, мојата заложба е да изградиме интегрирана младинска политика која ќе ги обедини институциите, бизнис секторот, организациите и граѓанското општество, истакнал Лимани.

Министерот се осврнал и за спроведувањето на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030. Притоа истакнал дека се финансираат проекти за вклучување на ромските деца во предучилишното образование и за подобрување на нивната социјална интеграција.

-Продолжуваме да бележиме напредок во родово одговорното буџетирање преку подобрување на институционалните механизми во Ресурсниот центар за креирање политики и родово одговорно буџетирање. Над 500 лица беа обучени за теми поврзани со родовата еднаквост и недискриминацијата, рекол Лимани.

Тој посочил и дека се интензивираат активностите за заштита од родово базирано насилство.

Согласно податоците, во 2024 година беа регистрирани 1834 жртви, од кои повеќето беа жени и деца. Во насока на справување со насилството врз жените, започна подготовката на Национална стратегија за превенција и заштита од родово базирано насилство врз жените и семејно насилство 2026–2033.

На крајот Лимани потенцирал дека независно од предизвиците со кои се соочува нашата земја, постојат можности кои треба да се искористат за нејзин развој.

-Важно е да создадеме услови сите луѓе да го остварат својот потенцијал. За сето тоа да биде успешно, координацијата и заедничката работа се од суштинско значење, нагласил Лимани.

Најнови вести од Македонија

To top