На 12-ти и 13-ти април во Филхармонија по 22-ри пат на големата сцена ќе блеснат единствените „Поточиња“ и ќе ја донесат омилената детска музичка приказна на сите генерации.
Најискрената публика – детската, со нетрпение очекува да дојде викендот во кој песна ги обединува, фестивалот кој еднаш го гледаат во живо, а потоа цела година уживаат во видео изведбите на песничките.
Еден месец пред почетокот на настанот кој децата го чекаат цела година, КУРИР направи интервју со композитирот и текстописец Оливер Пап, кој е извршен продуцент на Детски фестивал Поточиња. Тој неуморно, цела година работи со дечињата за настапите, подготвувајќи ги и детските хитови кои се слушаат долги години по фестивалите на кои се изведени.
КУРИР: Дали е сè подготвено за фестивалот кој дечињата со нетрпение го очекуваат секоја година?
ПАП: Новите песни се веќе подготвени како и целиот концепт на овогодинешниот фестивал. Во тек се подготовки со децата – учесници и овие последни недели пред фестивалот ги користиме за воигрување на сценските и кореографските точки. Полека, но сигурно го пополнуваме мозаикот од идеја до реализација за тоа како да изгледа Поточиња 2025.
КУРИР: За два фестивалски денови, вие работите со децата од хорот цела година. Има ли интерес за нови членови и како течат пробите и вежбите?
ПАП: Интересот за учество е голем, тоа најдобро го покажа нашата Аудиција за нови членови која се одржа во септември 2024 година. Пробите течат континуирано два пати во неделата, а како наближува одржување на фестивалот интензитетот на пробите се зголемува. Засега сме задоволни од посветеноста и напредокот на децата и ни претставува чест што и оваа година нашите замисли за модерен и квалитетен детски фестивал ќе можеме да ги реализираме.
КУРИР: Секоја година, освен изведувачите и Поки, на сцена излегува и изненадување за публиката. Дали е тоа славен изведувач или дете кое оживува стар хит. Подготвивте ли нешто такво оваа година?
ПАП: И оваа година имаме мини изненадување за публиката. Станува збор за нова песна со конкретна тематика во изведба на хорот Поточиња, но не би откривал повеќе детали бидејќи се работи за изненадување кое е предвидено ексклузивно за присутните на двата фестивалски дена во Филхармонија.
КУРИР: Минатата година беа одржани дури 7 концерти, со ниту едно празно столче во салата. Колку термини се превидени оваа година?
ПАП: Следејќи го интересот на публиката минатата година реализиравме седум фестивалски претстави. Годинава се предвидени стандардните шест изведби во 11, 13 и 19 часот двата дена.
КУРИР: Да испратиме една порака до дечињата и нивните родители: Зошто е важно да не го пропуштат овогодишното издание на Поточиња?
ПАП: Пораката е едноставна до децата и родителите и таа гласи: Со Поточиња растеме, другаруваме и се забавуваме!