Во Основниот кривичен суд Скопје вчера започна повторното судење за случајот во кој загина пешакот Слободан Ангеловски кој беше прегазен на пешачки премин на мостот „Гоце Делчев“ во центарот на Скопје. Причина за новиот почеток на овој случај е тоа што Апелацискиот суд Скопје побара супервешетачење откако претходно одлучи дека другите две вештачења, онаа на оштетеното семејство и на обвинетата биле различни.
На вчерашното рочиште било договорено дека повторно ќе се испитуваат вештите лица и дека очекува судот во најкус можен рок да го заврши судењето.
„За нас првостепената пресуда што претходно беше изречена беше сосема коректна затоа што беше заснована на чиста како солза фактичка состојба во која судот утврди дека сега починатиот Слободан се движел на пешачки премин, а обвинетата возела над дозволената брзина и не застанала на пешачкиот премин. За мене никаков друг исход не е возможен“, изјави адвокатот.
Синот на загинатиот слободан, Столе Ангеловски по рочиштето изјави дека е запрепастен од тоа дека обвинетата повторно се изјаснила дека не е виновна за предизвиканата сообраќајна несреќа во која загина неговиот татко и покрај тоа што направила четири прекршоци и тоа, брзо возење, непропуштање на пешачки, возење со забрана и изјава на сведок кој кажува дека таа додека возела гледала во мобилниот телефон наместо да гледа напред.
„Се надевам дека судот овој пат ќе биде многу побрз за разлика од претходно кога процесот траеше три години и се надевам на правична одлука. Давам поддршка на семејството на Фросина Кулакова и на сите кои ги знашла ваква трагедија. Секое доаѓање на суд за мене е непријатно. Ми се враќа сликата од тој кобен и несреќен ден. Мене секое доаѓање на суд ми е измачување. Затоа се надевам дека судот овој пат многу побрзо, поефективно и правично ќе ја осуди обвинетата“, изјави Ангеловски по одржаното судско рочиште, пренесе МКД.МК.
Слободан Ангеловски беше прегазен во јануари 2022 година отако во него удри автомобил возејќи со голема брзина.