Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска во Вашингтон предупреди дека одложувањето на воената помош за Украина е „остварување на сонот“ за рускиот претседател Владимир Путин.
– Путин мора да ја изгуби војната, рече Зеленски во Вашингтон и додаде дека САД можат „да сметаат на Украина“ со надеж дека неговата земја може да смета и на САД.
Зеленски изрази надеж дека ќе добие нов пакет помош, но за тоа има жестока дебата во американскиот Конгрес.
Тој на Х информира дека посетата на САД ја почна со средба со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и началникот на Здружениот Генералштаб, генерал Чарлс Браун на Универзитетот за национална одбрана на САД.
– Разговаравме за глобалните безбедносни предизвици, ситуацијата на фронтот и понатамошната американско-украинска одбранбена соработка. Благодарен сум им на САД за спроведувањето на нашите договори, особено на оние за зајакнување на нашата воздушна одбрана, како и на секретарот Остин и генералот Браун за нивното лично водство, напиша Зеленски.
Како што беше најавено претходно, Зеленски утре во Белата куќа треба да разговара со американскиот претседател Џозеф Бајден.