Свет

По војната, појасот Газа треба да биде управуван од палестинските власти, изјави премиерот Мустафа

По војната, појасот Газа треба да биде управуван од палестинските власти, изјави премиерот Мустафа

Палестинската управа треба да биде единствената власт во Појасот Газа по војната, изјави денеска палестинскиот премиер Мохамед Мустафа, во услови на зголемени очекувања дека ќе биде постигнат договор за прекин на борбите.

Едно од преостанатите нерешени прашања за време на преговорите е кој ќе управува со Газа по војната. Дискусиите се фокусирани на итен прекин на непријателствата и размена на заложници кои сe уште се држат во енклавата за Палестинците во израелските затвори.

Говорејќи на прес-конференција во Норвешка, Мустафа рече дека притисокот за договор за прекин на огнот во Газа мора да продолжи, како и да се дозволи дополнителна хуманитарна помош за над два милиони луѓе.

Според Мустафа, само палестинската управа има легитимитет да управува со Појасот Газа по завршувањето на непријателствата и не треба да се прават обиди за одвојување на енклавата од Западниот Брег како дел од палестинската држава.

-Додека го чекаме прекинот на огнот, важно е да се нагласи дека е неприфатливо некој друг освен легитимното палестинско раководство и влада на државата Палестина да управува со Појасот Газа, рече тој.

Мустафа додаде дека признавањето на државата Палестина од Норвешка е важен чекор кон постигнување на билатералното решение, начелно поддржано од мнозинството на меѓународната заедница.

To top