Календарот на новата сезона на Светското првенство во Формула 1 содржи шест трки во спринт, исто како и минатата сезона, а на старите домаќини на овие натпреварувања за бодови во скратен формат ќе им се придружат Мајами и Шангај, каде трките ќе се одржат првпат од 2019 година.
Спринт трките повторно ќе бидат дел од Гран при викендите во Остин, Австрија, Бразил и Катар, објави во вторникот управата на натпреварувањето.
Првата од планираните шест спринтерски трки ќе се одржи во април во Шангај, што е петта станица на Светското првенство во 2024 година. Гледачите, исто така, ќе можат да уживаат во скратениот формат во мај во Мајами, а потоа во јуни на „Ред Бул Ринг“ патеката во Шпилберг. По пауза од речиси четири месеци, четвртиот спринт е закажан во Остин во октомври, петтиот е закажан за почетокот на ноември на патеката „Интерлагос“ во Сао Паоло, а последниот на последниот ден од истиот месец на патеката „Лусаил“ во Катар.
Календарот на Светскиот шампионат во Формула 1 следната година содржи рекордни 24 трки, но бројот на спринтерски настани не се очекува да се зголеми од сегашните шест во иднина. Сепак, се очекува дека форматот на спринт ќе биде променет за следната сезона, што ќе биде изгласано од комисијата во Формула 1 во јануари.
Промените на форматот треба да одат во насока на промени во распоредот на натпреварите за време на Гран при викендот. Така, квалификациите за спринтерската трка би се одржале во петок, натпреварувањата би биле и в сабота, а потоа возачите би се бореле во новите квалификации за стартните места за неделната Голема награда.
Оваа сезона и спринтерските квалификации и самата трка беа закажани во ист ден, додека квалификациите за стартните позиции во неделната трка беа закажани во петок.
Податоците со кои располага раководството на натпреварувањата покажуваат зголемување на гледаноста на спринт трките.
„Од неговото лансирање во 2021 година, спринтот постојано привлекува поголем број гледачи пред ТВ екраните, обезбедува повеќе забава за навивачите долж патеката, а забележан е и поголем ангажман на фановите на Формула 1 на социјалните и дигиталните платформи“, вели во писментата изјава извршниот директор на Формула 1, Стефано Доменикали