Има една работа, според научниците, на која не мора да ѝ кажете „не“, а тоа е вашето утринско кафе.
Ново истражување откри врска помеѓу пиење утринско кафе и значително намален ризик од срцеви заболувања.
Според истражување на Центарот за истражување обезност на Универзитетот Тулан во Луизијана, кое опфатило 40.000 возрасни Американци за 10 години, луѓето кои пијат утринско кафе имале 31 отсто помали шанси да починат од кардиоваскуларни болести и 16 отсто помали шанси да починат предвреме од која било причина во споредба со оние кои не пиеле кафе.
„Нашите наоди покажуваат дека не е важно само дали пиете кафе и колку пиете, туку и времето кога пиете кафе е важно. Ние обично не даваме совети за времето во нашите упатства за исхрана, но можеби треба да размислуваме за ова во иднина“, вели водечкиот автор на студијата Лу Чи.
Чи за Би-Би-Си кажа дека се потребни дополнителни клинички испитувања за да се тестира потенцијалното влијание на времето во денот кога луѓето пијат кафе.
„Ова истражување не ни кажува зошто пиењето кафе наутро го намалува ризикот од смрт од кардиоваскуларни болести. Можно објаснување е дека консумирањето кафе попладне или навечер може да ги наруши деноноќниот ритам на нашето тело и нивоата на хормони, како што е мелатонин. Ова, пак, води кон промени во ризичните кардиоваскуларни фактори, како што се воспаленија и крвен притисок“, вели Чи.