Четириесет и осумчасовен притвор за таткото на Вања Ѓорчевска, откако претходно таква мерка им беше изречена и на тројца осомничени, но и почеток на официјална истрага и покрената меѓународна потерница за првоосомничениот е епилогот од вчерашниот ден во врска со грозоморното убиство на 14-годишното девојче и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, кое ја потресе јавноста во земјава, но и во регионот. Се чекаат наодите од обдукцијата и од преземените биолошки траги, за МВР да излезе со соодветна кривична пријава против осомничените, по што Јавното обвинителство ќе отвори истрага за сите инволвирани.
Скопскиот Кривичен суд синоќа го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство и определи краткотраен притвор од 48 часа за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски. Како што наведуваат од Кривичниот суд, притворот е определен заради опасност од бегство и влијанија врв сведоци.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и скопскиот јавен обвинител Гаврил Бубевски вчера на прес-конференција ја образложуваа инволвираноста на таткото на Вања во случајот. Имено тројцата претходно приведени кажале дека тој му ги дал информациите на првоосомничениот во врска со движењето на неговата ќерка, за излегувањето од дома, маршрутата на нејзиното движење и други детали од нејзиното секојдневие.
Во 48 часовен притвор за злосторството, додека не се обезбедат дополнителни докази, се и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои се дел од партијата Десна на првоосомничениот, Љупчо Палевски – Палчо, кој е во бегство и надвор од државата.
Четворица приведени имаат ваква куса мерка од 48 часа додека МВР да ги поднесе кривичните пријави до Обвинителството за убиствата на Вања и Панче. Доколку се утврди дека станува збор за организирана група која изнудувала пари заедно со главниот осомничен Палевски, тогаш случајот може да го преземе Обвинителството за гонење организиран криминал.
Претходно вчера, Кривичниот суд на предлог на скопското Основно јавно обвинителство донесе наредба за спроведување истрага против Љупчо Палевски – Палчо, првоосомничениот, којшто е посочен како организатор и реализатор на убиствата.
-За осомничениот кој е во бегство по итна постапка е донесена Наредба за спроведување истрага за кривични дела – Грабнување од член 141 и Убиство од член 123 од КЗ. Јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице. Судот го прифати предлогот и донесе решение со кое притворската мерка ќе започне да се спроведува веднаш по неговото пронаоѓање и лишување од слобода, стои во соопштението од Јавното обвинителство. (МИА)