Во просториите на Синеплекс се одржа Македонската премиера на краткометражниот игран филм „Ракетно моделарство“, работен по сценарио и режија на Златко Калеников, а во продукција на Стримон филм.
На црвениот тепих покрај познатите Македонски актери Никола Ристановски и Катерина Коцевска присутни беа бројни гости од академската, јавната и уметничката сцена.
Главните детски ликови во филмот ги играат Дамјан Ѓуроски во улогата на Калин, Матја Милан во улогата на Леа, Бранислав Пеликон во улогата на Нешко и Максим Радевски во улогата на Стајка.
Продуценти на филмот се Златко Калеников и Марија Димитрова, директор на фотографија е Наум Доксевски, сценографијата е на Александра Чевреска, а костимите на Роза Трајческа-Ристовска.
Филмот е за конфликтот меѓу исполнувањето на сопствениот сон и туѓото влијание врз неговото остварување. Низ едно детско хоби се покажува колку туѓото влијание може да биде пресудно за животот на детето и детскиот сон.
Главен лик е Калин, дете на 11-годишна возраст што сонува за вселената и патот до неа. Тој сака еден ден да биде космонаут или инженер што ќе гради ракети.
Калин е запишан во народна техника, образовна институција од тоа време, во која одат деца со слични желби и фантазии, млади научници, кои сакаат да градат ракети, авиони, бродови, електронски помагала, компјутери, монитори, радија итн.
Калин ги посетува часовите по ракетно моделарство, на кои учи да изгради ракета, модел што лета на барут. Тој живее во соба со својата помала сестра Леа, која секогаш сака да биде како Калин и да биде дел од неговите научни проекти и игри.