Македонскиот кајакар Александар Златаров од клубот Арка Борец од Велес, изминатите пет дена учествуваше на меѓународен натпревар на диви води на реката Нуџианг во Лушуи (Кина).
Златаров во тим со Маринко Анже од Словенија и Јосип Слошњак и Зое Грзин Алба од Хрватска го освоија 4. место во категоријата групен рафтинг.
Во категоријата кајак крос Златаров натпреварите ги заврши во четвртфиналето, а во категоријата спринт го освои 9. место. Трката во категоријата кајак класик ја заврши на 25. место.
На последниот ден од натпреварите, вчера во најатрактивната дисциплина тигров скок, Златаров се пласира на 20. место.
Тренер на Златаров, Љубомир Спасиќ е задоволен од изданието на македонскиот репрезентативец.
– Нашиот репрезентативец на најдобар начин преку спортот ја популаризира Македонија. Воедно е наш спортски амбасадор со кој се гордееме и му посакуваме уште многу победи и успеси на сите претстојни меѓународни натпревари во 2025 година, изјави Спасиќ за МИА.
Инаку, Александар Златаров на овие меѓународни кајакарски натпревари во Кина учествуваше и лани во неколку дисциплини.