Останати спортови

Во Битола се одржа 30-то поединечно Државно првенство во бокс

Во Битола се одржа 30-то поединечно Државно првенство во бокс
Овој викенд во Битола се одржа 30.- то државното првенство во бокс за сениори, младинци, јуниори и кадети.
Првенството беше во организација на боксерскиот клуб Пелистерски јунак од Битола и Националната боксерска федерација и се оджа во салата “Боро Чурлевски“ во Битола.
Нови државни прваци има во кадетска конкуренција за боксери кои се натпреваруваа во конкуренција до 40, 42, 46, 48, 50, 52, 57, 60 и 70 килограми, во јуниорска конкуренција до 40, 54, 57, 60, 63, 66, 70 и 80 килограми, потоа во младинска конкуренција каде новите македонски шампиони се во категоријата до 57, 67, 71, 80 и 86 килограми, како и во сениорска конкуренција каде титулата најдобар македонски боксер ја освоија боксери во конкуренција до 60, 67, 75, 80 и 92 килограми.
Учесниците и гостите на Државното првенство беа поздравени од градоначалникот на Битола, Тони Коњановски и претседателот на НБФ, Кристијан Андреевски. На Државното во Битола се возобнови турнирот “Битолски победник“.
Претседателот на Националната бокс федерација, Кристијан Андреевски, на отворањето на првенството, пред околу 2.000 љубители на боксот во Битола, рече:
-Домаќините, боксерскиот клуб Пелистерски јунак го прифатија предизвикот заедно со градоначалникот на општината Тони Коњановски да го организира првенеството, а се надеваме дека и битолската публика ќе ужива во овој боксерски хепенинг, воедно и почеток на една голема традиција во името на “Битолски победник“. Како претседател на Федерацијата, уште еднаш сакам да им се заблагодарам на сите учесници во организацијата на големиот настан, на боксерите и тренерите да им посакам среќа во борбите, а публиката да ужива.
Градоначалникот, Тони Коњановски, истакна дека Битола како спортски град, но и како град на еден од најдобрите боксерски клубови во нашата држава го прифати предизвикот, а уште позначајно е што се возобнови традиционалниот турнир “Битолски победник“, кој своите почетоци ги имаше во 80-тите, а последен пат се организирал во далечната 1996 година.
Со одлука на стручното жири за најдобар боксер на првенството е прогласен Ален Рустемовски, боксерот Арбел Рустемовски е прогласен за најдобар техничар, признанието за најдобар судија му беше доделено на Мејдин Бајрамов, а мечот меѓу боксерите Мачковски и Стојменовски беше прогласен за најборбен дуел.
To top