Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија вечер од 18 часот ќе биде отворена изложбата „Урбани трансформации“ на ликовните уметници Благојче Наумоски и Јехона Ајрадини, на која ќе бидат претставени сликарски дела, изработени во акрилна и комбинирана техника.
Како што соопшти Центарот, проектот се фокусира на деконструкција на елементи од урбаните структури, каде што преку акрилната техника на платно се издвојуваат и интерпретираат геометриските форми и волумените што го дефинираат брутализмот.
-Моите дела го истражуваат архитектонскиот јазик на брутализмот преку апстрактна трансформација на просторот, материјалноста и волуменот. Со ова, се стремам да создадам визуелен јазик кој го доловува суровиот карактер на бруталистичката архитектура, притоа истакнувајќи ја моќта на геометријата и минимализмот во контекст на урбаните пејзажи. Брутализмот претставува естетика која е и ригидна и динамична, парадокс на монументалното и човечкото, истакнува Наумоски.
Тој дипломирал во 2007 на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје, насока сликарство во класата на проф. Рубин Корубин, во 2009 година магистрирал сликарство кај проф. Јован Шумковски. Од 2007 година членува во Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), а во моментов е вонреден професор и продекан на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет во Скопје. Имал 22 самостојни изложби, учества во повеќе групни изложби и на ликовни колонии.
Јехона Ајрадини дипломирала во 2007 година на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ, на насока графика со графички дизајн под менторство на професорот Зоран Јакимовски, и на магистерски студии (етнолог-антрополог) на Институт за етнологија и антропологија. Во 2007 година почнала да работи како професор по ликовна уметност, до 2020 година работела како раководител на уметничката програма во Албанскиот национален ансамбл во РС Македонија. Учествувала на меѓународни изложби, како и во повеќе проекти за недвижно културно наследство во земјава.