Извонредниот пејач и композитор на песни, Александар Сариевски (20 јуни 1922 – 19 декември 2002), e една од најголемите легенди на македонската музика. Роден во Галичник, средното образование го завршил во Скопје, кога и почнал да свири хармоника. Во 1946 во Македонското радио ја снимил песната „А бре невесто око калешо“, со што почнува неговата голема и исклучително богата музичка кариера.
За сето свое шестдецениско уметничко живеење, Александар Сариевски испиша богати биографски страници, остави над 400 трајни звучни записи за Музичката продукција на МРТВ и за други дискографски продукции, кои вечно ќе припомнуваат за една неповторлива уметничка личност која даде огромен придонес во негувањето и афирмирањето на македонската фолклорна уметност кај нас и насекаде во светот.
Многумина се обидуваа да ја испеат легендарната песна „Зајди, зајди јасно сонце“, но никој од нив не може да ја надмине интерпретацијата на генијалецот Александар Сариевски. Секако и песните „Дејгиди луди млади години“, „Зајко кукурајко“, „Абер дојде Донке од кулата“, „Митро, Митро мори“, „Абреј невесто, око калешо“, „Седна баба да вечера“ и многу други кои не потсетуваат на него како врвен естраден уметник кој со песна на цел свет му раскажуваше за неговата Македонија.
Во своите песни ги опеал родниот Галичник, невозвратената љубов, печалбарството, а познат е и по многуте хумористични песни. Тој беше пејач за кој со право народот вели дека се раѓа еднаш во сто години и чии песни вечно ќе зрачат со својот сјај.
Сариевски е еден од основачите на ансамблот „Танец“ и постојано патувал низ светот во благородна мисија на ширење на приказната за оригиналниот македонски народен мелос. Сариевски е еден од најголемите амбасадори на автентичната култура на македонскиот народ. На првата турнеја од Ниш до Сплит тргнал далечната 1950 година и од тогаш постојано патувал низ светот во ширејќи ја приказната за македонската оригинална традиционална музика.
Сариевски стана најголемиот амбасадор на автентичната култура на македонскиот народ, а во монографијата „Од Галичник до легенда – Александар Сариевски“, напишана од Кирил Тодевски на мошне убав начин е претставено што значеше Сариевски за Македонија, особено во музичкиот свет. Книгата изобилува со бројни “исповеди” на Сариевски инспирирани од неговите патешествија поткрепени со фотографии од почетокот на неговата музичка кариера, па се до денес.