Најдобрата скијачка на Американка Микаела Шифрин (29), сè уште не знае кога би можела да се врати на натпреварувањата по повредата здобиена при падот во велеслалом од Светскиот куп во Килингтон на крајот на минатиот месец. Нејзината рехабилитација е искомплицирана.
Шифрин беше во водство по првото возење, а потоа падна во второто и заврши во заштитната ограда. Таа се здобила со неколку модринки и убодна рана во пределот на косиот надворешен стомачен мускул. Поради компликации поврзани со убодната рана, на американската скијачка ѝ беше извршена мала операција.
Тоа е длабока убодна рана со прилично голема повреда на мускулот. Имав навистина среќа бидејќи раната беше на милиметар од моето дебело црево, изјави Шифрин во интервју за онлајн порталот „skiracing.com“.
Вакуумот на раната едноставно не можеше да ја отстрани сета течност што се акумулираше во моето тело за да може да зарасне. Затоа морав на операција. Откривме џеб со течност до кој вакуумот на раната не можеше да допре.
Иако Шифрин истакна дека не чувствува силни болки и дека може бавно да оди или да се качува по скали, таа призна дека е премногу рано да се предвиди кога или дали ќе се врати на натпреварувањето оваа сезона.
Враќањето зависи само од тоа како ќе напредувам во следните недели и месеци. Нема многу преседан за ваков тип на повреди во нашиот спорт. Мислам дека со секој изминат ден ќе имаме појасна слика за тоа како ќе функционира, додаде Американката.