Кинеската кајак асоцијација по повод 70 години од основање на реонот Нуџианг во провинцијата Јунан, од денес до 22 декември ќе организира спортски натпревари во кајак на диви води со учество на натпреварувачи од цел свет.
Меѓу натпреварувачите е и Александар Златаров – македонски репрезентативец и член на кајакарскиот клуб Арка-Борец од Велес.
Златаров на овие натпревари во Кина учествуваше и лани во неколку дисциплини. Негов најдобар пласман беше на 6. позиција.
Пред поаѓање за Кина, македонскиот кајакар Александар Златаров за МИА, изјави дека е одлично подготвен и се надева дека со истрајна трка и големо залагање во силната конкуренција ќе се избори да освои подобар пласман од лани.
Натпреварите во кајак на диви води ќе се одржат на три различни места на реката Нуџианг во градот Лушуи. Во програмата се предвидени натпревари во: кајак класик, кајак спринт, кајак крос, рафтинг и најатрактивната трка „Тигров скок“.