Иницијативен одбор за промени во Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ) достави соопштение до медиумите, во кое потенцира за нелигитимен избор на Перо Антиќ за прв човек на мак-баскетот, со гласови од свои блиски.
До медиумите е доставен записник од Изборното собрание одржано на 29 март 2023 година, кое е точка на дневен ред на претстојното редовно собрание на 18 декември 2024 година.
Од Одборот ова го испраќаат како одговор на соопштението на КФСМ.
„Претседателот во заминување го гласале татко му, кумовите, братучедите и вработените во КФСМ на кои тој им е претпоставен. Флагрантен пример на кршење на статутот на КФСМ е учеството на генералниот секретар на собранието како делегат/претставник на клуб кој гласа по сите точки на дневниот ред.
Доколку мисли Перо Антиќ дека ја има довербата на клубовите, нека не се плаши. На претстојното собрание зборот ќе го имаат клубовите а не неговите роднини и пријатели“, велат од Иницијативниот одбор.
Собранието на Кошаркарската федерација на Македонија ќе се одржи во среда.