Живот и Стил

„Вената на љубовта“- Историјатот на носењето бурма

Старите Грци, Македонци, Римјани – верувале во постоењето на посебна вена, позната како „вена аморис“ или – „вена на љубовта“ што се протегала од четвртиот прст од левата рака директно до срцето.

„Вената на љубовта“- Историјатот на носењето бурма

Историјатот на носењето венчален прстен го има својот зачеток во Древен Египет. Денес тоа е обичај ширум целиот свет и секаде има посебни својства, одлики, особености, значења, симболика.

Историчарите и културолозите ја откриваат фасцинантната позадина на оваа универзална симболика на љубов и верност којашто одамна ги надминала географските и етнокултурните граници во глобализацијата. Така, традицијата на носење венчален прстен, пред сѐ – кај жената, потекнува од Стариот Египет, каде што археолозите ги пронашле првите записи за овој обичај, напишани со хиероглифи. Египќаните го сметале прстенот за симбол на вечноста, олицетворена во неговиот кружен облик којшто нема ни почеток, ниту крај.

Се чини, оваа симболика е толку моќна, што преживеала разни и различни цивилизации низ вековите, станувајќи универзален симбол на брачната верност во секое ќоше на планетата Земја.

Верувањата за „вената на љубовта“ (vena amoris)

Moжеби eдна од најромантичните приказни поврзана со носењето венчален прстен доаѓа од европската античко време. Старите Грци, Македонци, Римјани – верувале во постоењето на посебна вена, позната како „вена аморис“ или – „вена на љубовта“ што се протегала од четвртиот прст од левата рака директно до срцето. Иако денес се знае, според анатомијата, дека таква вена не постои, ова поетско-романтично верување значително влијаело на западната традиција на носење венчален прстен на левата рака.

Инаку, денес, обичаите на носење венчален прстен значително се разликуваат во зависност од културниот контекст. Различните религии имаат свои сопствени толкувања поврзани со венчалните прстени.

Во повеќето западни земји, како што се Велика Британија, САД, Франција или Италија – прстенот, вообичаено, се носи на левата рака. Меѓутоа, источноевропските земји и народи, како Русите, Полјаците, Македонците и Бугарите, денес вообичаено се носи на десната рака. Во христијанските православни обичаи, десната страна се смета за „вистинска страна“, па бурмата се носи на десната рака, но повторно – на домалиот прст.

И муслиманите бурмата ја носат на десна рака, а пак, Евреите за време на венчавката го ставаат венчалниот прстен на десната, а потоа, по обичај, го префрлаат на левата рака. Еврејската традиција вели и оти прстенот мора да биде едноставен и без украси.

Глобализацијата и современите толкувања

Совремието донесе значителни промени во традицијата на носење венчален прстен. Интересно е тоа што мажите помасовно почнале да носат венчални прстени дури во Втората светска војна, кога војниците сакале да носат видлив потсетник на своите сопруги и семејства дома, иако такви случаи се забележуваат и во 14. век. Овој обичај се задржа и стана норма во најголем дел од светот, претставувајќи ја современата брачна симболика.

Глобализацијата значително се одрази на традиционалните обичаи поврзани со венчалните прстени. И во Индија, на пр., каде што прстенот се носел на десната рака, бидејќи левата рака се сметала за нечиста, денешните генерации често ја избираат левата рака – под влијание на западните обичаи и вредности. Ова покажува како обичаите се менуваат и прилагодуваат според светските текови.

Покрај културните и традиционалните аспекти, на изборот на рака за носење бурма може да влијаат и практичните причини. Десничарите честопати претпочитаат да го носат прстенот на левата рака, заради помала можност за оштетување на прстенот при секојдневните задачи. Исто така, некои парови одлучуваат да ја прилагодат традицијата на нивните лични претпочитања или професионални навики и барања.

Традицијата на носење венчален прстен е еден од најдолготрајните и најуниверзалните симболи на љубов, верност и посветеност во историјата на човештвото. Без разлика дали се носи на лева или десна рака, неговата важност како симбол на вечната љубов – останува непроменета. Совремието носи сè поголема флексибилност во толкувањето на овие обичаи, дозволувајќи им на паровите да изберат како да го носат овој важен симбол на нивната љубов.

To top