Во величествена и незаборавна атмосфера исполнета со магија и емоции, винарија Стоби беше домаќин на ексклузивната промоција на новата песна „Срце храбро“ на еден од најдобрите македонски вокали, маестралниот Миле Кузмановски.
Настанот, кој суптилно ги спои музиката, виното и уметноста, создавајќи амбиент на совршена хармонија ги собра повеќето естрадни новинари, кои имаа привилегија први да ја проследат премиерата на видеоспотот за песната и да уживаат во уникатната симбиоза на музиката и врвните македонски вина.
Песната „Срце храбро“, дело на босанскиот композитор Драган Пејиќ – Пеја, со текст напишан од Александар Тарабунов, аранжирана од самиот автор и Бобан Василевски, претставува емотивна химна која ја слави љубовта, храброста и надежта. Со својот длабок текст и мелодична моќ, песната уште на првото слушање ги освои срцата на присутните, најавувајќи дека ќе биде следниот голем евергрин во македонската фолк музика.
Миле Кузмановски, со својот искрен и емоционален израз, повторно потврди зошто е една од најголемите икони на македонската музичка сцена. „Срце храбро“ не е само песна, туку вистинска инспирација за сите што ќе ја слушнат.
Присутните новинари имаа можност први да го погледнат видеоспотот за песната, режиран од Дејан Георгиев и „Арт продукција“, а снимен во амбиентот на винарија „Стоби“ и ресторанот „Одисеја“. Природната магија на лозјата, елегантноста на винаријата и топлиот амбиент на ресторанот создаваат сцени кои совршено ја пренесуваат суштината на песната – љубовта и храброста како движечки сили во животот.
Настанот беше збогатен со ексклузивната презентација на најновите сортни вина од винаријата, во чии вкусови присутните уживаа при дегустацијата. Вината ги маѓепсаа присутните, исто како што „Срце храбро“ ги маѓепса со својата музичка порака која и вас ќе ве освои откако ќе ја преслушате песната и погледнете видеото во продолжение.