Кошарка

МЗТ Скопје: Никој не е поголем од клубот, време е за крај на шпекулациите

МЗТ Скопје: Никој не е поголем од клубот, време е за крај на шпекулациите

Кошаркарскиот шампион на Македонија МЗТ Скопје Аеродром, се огласи со соопштение по повод многуте гласини и шпекулации околу состојбата во клубот.

„Металците“ не успеаја да се пласираат во главната фаза од АБА2 лигата, тимот пред само еден ден се збогуваше и со Марко Баковиќ, па затоа управата реши да се обрати со јавноста со соопштение во кое ги појаснува актуелните ситуации.

„Се чувствуваме должни да ги разјасниме сите мистерии, лаги и невистини што излегоа изминативе денови за нашиот клуб, раководство и играчи. Како и секоја друга екипа, така и нашата има искачувања и паѓања. За жал, за нас падот на формата нè доведе да избришеме една од поставените цели и поради тоа сметаме дека треба да направиме одредени промени во играчкиот кадар, на наше барање, а не како што тоа сака некој да го претстави поради нередовни примања. Ниту еден играч нема да биде над екипата и колективот.

Свесни сме дека сме најголем кошаркарски колектив и привлекуваме најголема читаност и внимание, но нема да дозволиме да се шират лаги и невистини околу нас. Со голема одговорност работиме за продолжување на низата освојување трофеи, како и на финансиската консолидација, каде значително е подобрена ситуацијата, а во јануари месец целосна стабилизација, подобрување на логистиката, маркетингот, школата и резултатите.

МЗТ Скопје не е маалска екипа која ги брои победите, туку е клуб во кој настапуваат девет репрезентативци кои достоинствено ја претставуваат македонската кошарка дома и надвор од нашите граници, на теренот и надвор од него. Поради нечесни игри на одредени структури се случи да испаднеме од АБА2, за што делумно е и наша вината и одговорноста.

Вистинските наши поддржувачи се оние кои и покрај ваквата негативна атмосфера што вештачки се создава околу нашиот клуб, ќе дојдат и ќе дадат поддршка на овие наши момци кои достоинствено го претставуваат клубот и се борат за овој дрес. Клубот не се сака само кога победува, туку и кога резултатите не одат според планираното.

Ова раководство, кое е отворено и транспарентно од самиот почеток, се покажа и докажа со правецот во кој се движеше клубот изминативе три сезони и покрај надворешните влијанија и предизвици со кои се соочивме. Спортски им ги честитаме победите на сите клубови, но за разлика од маалските клубови, ние покрај победите ги броиме и трофеите, кои постојано завршуваат во нашите витрини“, стои во долгото соопштение од МЗТ Скопје.

To top