Фудбал

ЛШ: Интер поразен од Леверкузен, Реал Мадрид го освои Бергамо

ЛШ: Интер поразен од Леверкузен, Реал Мадрид го освои Бергамо

Килијан Мбапе го отвори резултатот со гол во 10. минута, откако одлично се ослободи од својот чувар, и го совлада Карнесеки. Аталанта се врати пред крајот на полувремето, откако Де Кетелде одлично го изведе и го погоди пеналот, за 1-1 на полувреме.

Два брзи гола на Реал Мадрид на стартот на вториот дел, со кои дојдоа до 1-3. Најпрво Винисиус во 57. минута донесе 1-2, а две минути подоцна и Белингем погоди за првпат два разлика предност за „кралевите“.

Сепак, Лукман во 65. минута ја врати надежта дека Аталанта може да остане непоразена, но и покрај желбата и покрај шансите, сепак, италијанскиот тим не успеа уште еднаш да го совлада Куртоа, и така остана со празни раце.

Со оваа победа, пак, Реал Мадрид полесно дише пред последните две кола, со оглед дека „кралевите“ до пред ова коло имаа само шест бода.

Интер го претрпе првиот пораз во Лигата на шампионите, откако тимот на Симоне Инзаги во последните мигови од мечот, загуби на гостувањето во Леверкузен кај Баер. Мукаеле во 90. минута беше стрелец на единствениот гол.

Инаку и во текот на мечот Баер промаши неколку добри шанси, а еднаш ја погоди и пречката. Интер, пак, статистички немаше ниту еден удар во рамките на голот.

Лајпциг и натаму остана без ниту еден бод во Лигата на шампионите, и најверојатно ова беше последната надеж за следната фаза. Тимот во кој игра нашиот Елиф Елмас, и натаму не може да дојде до ниту еден бод.

Лајпциг загуби на домашен терен од Астон Вила со 2-3. МекГин, Дуран и Баркли стрелаа за Астон Вила, додека за Лајпциг Опенда и Баумгартнер.

Француски Брест со голот на Ле Кардинал дојде до триумф над ПСВ. Спортинг и натаму реди порази по заминувањето на Аморим. Португалската екипа загуби на гостувањето во Бриж со 2-1.

ПСЖ со 0-3 го победи Салцбург на гости, а Баерн Минхен по негативата против Шахтјор, се врати во голем стил и победи со 1-5.

После ова коло, Ливерпул остана единствен непоразен тим во ЛШ.

To top