НБА лигата се враќа во Кина за првпат по 2019 година. Во октомври идната година во Макао ќе се одиграат два претсезонски натпревари меѓу Бруклин и Феникс.
Оваа одлука е одговор на долгогодишниот процес за санација на односите меѓу НБА и Кина, откако комесарот Адам Силвер и лигата го поддржаа тогашниот генерален менаџер на Хјустон, Дерил Мори, објавувајќи слика на социјалните мрежи со која ги одобрува протестите во Хонг Конг во октомври 2019 година.
Раздорот доведе до губење на профитабилни спонзорски договори и привремена забрана за мечеви од НБА на кинеската телевизија во 2019 година, што ја чинеше лигата стотици милиони долари во следните сезони.
Во изминатите неколку години односите се многу подобри благодарение на извршниот директор на НБА Кина, Мајкл Ма, кој беше ангажиран во 2020 година.