Европскиот совет денеска повика на дополнителни подобрувања и активности на Агенцијата на ЕУ за кибер безбедност (ЕНИСА), особено во делот на создавање на европски документи за сертификација на кибер безбедноста и воспоставување на единствена платформа за известување.
Во денеска усвоените заклучоци на иницијатива на унгарското претседателство на Советот на ЕУ, се нагласува дека во последните две децении ЕНИСА се покажала како непроценлив субјект во европскиот систем за кибер безбедност, што е од особена важност во услови на тековната евалуација на Законот за кибер безбедност и негова можна измена.
Според унгарскиот државен министер за меѓународна комуникација и односи Золтан Ковач, не смее да се потцени важноста на ЕНИСА во напорите за справувањето со кибер заканите, кои во последните години значително се зголемија во степен, сложеност и обем.
-Овој сеопфатен збир на заклучоци ќе ни помогне да изградиме робустен и издржлив дигитален простор во Европа. Континуираната соработка, давањето приоритет на задачите и ресурсите, како и поедноставувањето на сложениот кибер пејзаж ќе бидат клучни елементи за справување со сегашните и идните предизвици, нагласи Ковач по усвојувањето на заклучоците од страна на Советот на ЕУ.
Во нив се нагласува дека ЕНИСА има клучна улога во безбедноста на онлајн просторот во услови на зголемен обем и сложеност на кибер заканите и новите предизвици во оваа сфера во последните години.
Според Советот, зголемената улога на Агенцијата мора да резултира со обезбедување на соодветни ресурси при преговорите за Повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ, но и точно да се утврдат нејзините обврски за да се избегне дуплирање на задачите со другите актери во кибер секторот.
Совет воедно го нагласува важниот придонес на ЕНИСА во зајакнувањето на заедничката свест за ризиците и за усогласување на заеднички одговори при големи кибер инциденти или кризи.
Во овој поглед, како особено важна се нагласува понатамошна соработка на ЕНИСА со Европската комисија, Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Мрежата на тимови за одговор на инциденти поврзани со компјутерската безбедност (ЦСИРТС) и Европската мрежа на организации за врски при кибер кризи (ЕУ-СиКЛОН), како и со другите актери во кибер системот, како што се Сервисот за кибер безбедност на институциите на ЕУ (ЦЕРТ-ЕУ), Европскиот центар за кибер безбедност, Европол, меѓународните организации и партнери и приватниот сектор. (МИА)