Во ова интервју разговараме со Даријан Трајанов – магистер по јавно здравје, експерт за промоција на здравје и креатор на проектот – ,,Јас Можам’’. Во денешниот спорт покрај работа на физичката подготовка, од голема важност е да се работи и на менталната стабилност на спортистите.
Спортистите во текот на својата кариера се соочуваат со голем број успеси, неуспеси, победи и порази. Некои од нив ги надминуваат неуспесите, ги учат лекциите и продолжуваат напред кон остварување на својата цел и сон.
Но за жал некои од нив се откажуваат после првиот пораз, препрека или неуспех. Сметајќи дека не се достојни за успех и на тој начин не остваруваjќи го својот сон, својата цел и победа.
Даријан, Вие долго време работите во областа на промоција на спортот. Од каде потекнува Вашата идеа за креирање на еден ваков проект, кој што е од огромна важност за развој на секој еден спортист, но и за развој на целиот спорт генерално и во нашата држава?
– Промените кои што се случуваат во спортот денес се движат со голема брзина. Современиот спорт бара брзо приспособување на промените од страна на спортистите, тренерите, клубовите, федерациите и надлежните институции. Промени во системот на натпреварување, интензитетот на натпреварите, начинот на подготовка на спортистите, процесот на опоравок, притисокот од јавноста, очекувањата од самите себе си, публиката, клубот, блиските, придонесуваат да дел од спортистите и покрај својот талент, не ги остварат своите посакувани цели. Мојата цел е да им помогнам на спортистите, особено на младите спортисти, да ги поттикнам и мотивирам да веруваат во себе, да уживаат во процесот на развивање, да не се предаваат, да не потклекнуваат пред првите препреки, да сакаат да работат на себе, да веруваат во победата и во тоа дека тие МОЖАТ! Потребно е да разбереме дека Неуспехот е само составен дел од нашиот следен Успех, тоа процес кој неможе да се заобиколи. Нема откажување при првата препрека или грешка, важно е повторно да се обидеме! Од тука дојде и мојата идеа за креирање на мојот проект: Создавање победнички менталитет – ,,Jас Можам’’.
Проектот има навистина интересно име кое што инспирира, мотивира и поттикнува. Зошто баш се одлучивте Вашиот проект да го носи името – ,,Јас Можам’’?
– Кога јас тренирав кошарка и кога бев вклучен во младинскиот спорт како активен спортист кој учестуваше на натпревари (домашни и меѓународни) како и многу други мои врсници во тој период, немавме можност да разговараме со стручни лица од оваа област кои ќе не научат, поттикнат и мотивираат дека и ние можеме многу повеќе. За жал и ден денес ја гледам таа слика кај нас, многу млади спортисти се соочуваат со проблемот на недоволна мотивација, несоодветна ментална подготовка, недостаток на систем и концепт за работа на менталната стабилност на спортистите. За жал многу млади спортисти ја губат својата самодоверба. Во светот, сведоци сме на тоа дека и најголемите светски спортисти работат со спортски психолог, работат според врвни програми за унапредување на менталната стабилност, фокус и мотивација со цел да го подобрат своето ментално здравје и спортски резултати. Се посветува големо внимание на значењето на спортската психологија. И на најдобрите и физички најподготвените им е потребно некој да ги мотивира, инспирира и поттикне дека тие МОЖАТ да ја совладаат секоја препрека, да го надминат секој пораз или неуспех и повторно да застатанат на страната на успехот. Мојата идеја е да ги поттикнам, мотивирам и уверам спортистите дека без разлика на тоа колку и да е тежок процесот на развој и напредок, да веруваат секојдневно во тоа дека тие МОЖАТ! Поради сето ова, мојот проект го нареков – ,,Jас Можам’’
Даријан, што за вас претставува – Создавање на победнички менталитет и колку е сето ова важно и за развојот на македонскиот спорт во иднина?
– Најпрво би сакал да укажам на тоа дека победничкиот менталитет не треба да се поврзува само со бројот на освоените титули, медали, пехари и успешни натпреварувања. Трофеите, титулите, победите се плод на упорноста, тренизните, дисциплината, посветената работа и победничкиот менталитет. Создавањето на победнички менталитет треба да започне уште од најранaта возраст на еден поединец, во кругот на семејството. Улогата на родителите во градењето на индивидуата како победник е огромна. Родителите се тие кои треба да го поддржат своето дете, да веруваат во него, да разговараат со него, да го научат да ги почитува основните животни вредности како што се: почит кон другите, почит кон себе си, развивање емпатија, желба за едукација, соочување со несупеси, порази, однесување при победа без притоа да се омаловажуваат или навредуваат поразените. Сето ова е дел од создавањето на побеничкиот менталите. За таа цел победничкиот менталитет треба да се темели на создавање индивидуи кои ќе бидат подготвени да се соочат со поразите, неуспесите, предизвиците, промените и сите останати потешкотии на патот до нивните успеси. Индивидуи кои што ќе бидат подготвени да учат од грешките, да ги заборават падовите од минатото и да се фокусираат на резултатите во иднината. Индивидуи кои што ќе веруваат во себе и покрај неуспесите кои ќе се појавуваат, тие постојано да се обидуваат да ги реализираат своите соништа. Работејќи на создавање победнички менталитет и кај македонските спортисти ќе биде од огромно значење и за развојот на македонскиот спорт во иднина. Меѓутоа во еден ваков процес важно е да се пристапи кон креирање на стратегија и концепт со кои ќе се врши максимална промоција на важноста за грижата на менталното здравје кај спортистите. Република Македонија имала и има врвни спортисти, талентирани млади спортисти со кои што треба да се работи, да им се обезбеди соодветен концепт и систем на работа кој ќе им овозможи да бидат рамо до рамо со најдобрите.
Даријан, ја споменавте и важноста да се работи на менталната стабилност и улогата на спортскиот психолог во унапредување на здравјето на спортистите – Колку според вас е важна улогата на спортската психологија во заштита на менталното здравје на спортистите и постигнување на врвни спортски резултати?
-Според Американскиот Колеџ за Спортска Мeдицина 35% од елитните врвни спортисти изјавиле дека се соочуваат со анксинозност, депресија и brnout. Голем дел од светски познатите спортисти јавно проговорија за нивните проблеми со менталното здравје и како сето тоа влијаело врз нивното здравје во целост, но и врз нивните спортски перформанси. Покрај тоа многу од нив јавно говорат и за соработката со спортски психолог и како сето тоа им помогнало во надминување на проблемите со анксиозност, депресија, стрес или burnout. Тоа ни покажува дека спортската психологија и спортскиот психолог имаат огромно значење за заштита на менталното здравје на спортистите од една страна, но истовремено и унапредување на нивните спортски перформанси од друга страна. Со помош на спортската психологија и спортскиот психолог спортистите имаат можност да научат вештини и техники како: визуелизација, поставување на цели, самоговор, фокус, одржување на мотивација, соочување со емоциите, итн. Сето ова е од огромно значење за развојот на спортистите во текот на нивната кариера, но и по завршување на истата. Поради тоа спортската психологија и важноста на спортскиот психолог за развојот на спортистите заслужуваат максимална промоција и посебна стратегија за нивна актуелизација и вклучување во секојдневната работа со спортистите, а особено со младите спортисти.
Даријан со оглед на тоа дека станува збор за навистина интересен проект кој му е потребен на нашиот спорт, какви се Вашите очекувања во однос на реализацијата и успешноста на истиот?
-Мојата идеја и мисија се да помогнам во развојот на македонскиот спорт, да помогнам во развојот на македонскиот младински спорт исто така. За таа цел јас би сакал да ја искористам оваа прилика да ги повикам сите федерации, спортски организации, спортски клубови на заедничка соработка во интерес на унапредување на македонскиот спорт, негова промоција и придонес кон постигнување на врвни резултати на македонските спортисти. Треба на сите да им е јасно дека спортот е најголемиот амбасадор на една држава. Јас се надевам дека во иднина ќе имам можност да воспоставам контакт со надлежните спортски институции и организации и заедно да придонесеме за развој на македонскиот спорт. Искрено верувам дека овој мој проект ќе биде препознаен од страна на надлежните институции и дека ќе можеме заедно да придонесеме за унапредување на менталната стабилност кај спортистите, а воедно и да придонесеме за поголема промоција на грижата за менталното здравје кај спортистите.
Даријан, како професионалец кој што е максимално посветен на својата работа, амбициозен и неуморно упорен во процесот на унапредување на спортот која би била Вашата порака за крај на ова интервју?
– Секој еден од нас, секој еден спортист треба да верува во себе и во тоа дека може да стигне до својата посакувана цел и резултат. Секој од нас има право да се надева и верува во позитивни промени. Да ја бараме нашата шанса и можност за напредок, да веруваме во тоа дека еден ден ќе ја добиеме таа шанса. Една од најтешките работи во животот е да добиеме шанса, но кога веќе ќе да ја добиеме, силно да веруваме дека таа шанса успешно ќе ја реализираме. Затоа јас сум тука да придонесам и помогнам со своето знаење и искуство на македонскиот спорт и македонските спортисти и да покажам дека со верба во себе, труд и работа може да креираме спорт согласно светските стандарди. Ќе треба многу време, но треба да се почне да се работи!