Државниот просветен инспекторат денеска ќе изврши вонреден надзор во основното училиште „7 Март“ во тетовско Челопек, потврди за МИА директорот на Инспекторатот, Шабан Ајалбегу.
Инспекторите на терен треба да утврдат одговорност за организирањето училишна приредба во која учествуваат ученици облечени во воени униформи со амблеми на УЧК и со пушки во рацете.
За настанот вчера реагираше и министерката за образование и наука Весна Јаневска која на Фејсбук напиша дека е „длабоко разочарана и вознемирена“ од одлуката на раководството и наставниците во ОУ „7 Март“ во Челопек да ја организираат приредбата, но и од одобрувањето на родителите на учениците „кои ракоплескаа на сето тоа“.
-Ваквиот чин не само што педагошки е неисправен, туку е и нечовечен, неетички, неморален и законски казнив, напиша, меѓу другото, Јаневска и најави дека покрај „соодветна постапка против училиштето“, инспекторите ќе постапат и во други две училишта за кои добила информации дека имало „слични активности“.