Македонскиот ракометен прволигаш Алкалоид им се враќа на обврските на меѓународната сцена и тоа со пресметка против Вест Виена во Европскиот ЕХФ Куп.
Алкалоид во претходната рунда го надигра Клаипеда Драгунас од Литванија и сега се надева на таков епилог и во соочувањето со австрискиот претставник со кого клубот од Автокоманда двете средби ќе ги одигра на домашен терен во петок и сабота во терминот од 19 часот.
-Второто коло го поминавме против незгодна литванска екипа. Сега добивме за противник доста воиграна екипа, која е составена од младински репрезентативци од Австрија, тим против кого нашите младинци одиграа ова лето нерешено. Противникот е технички добро подготвен и трча многу добро. За нас како тим тоа ќе биде одлично бидејќи играме ист ракомет. Гледачите во рок од 48 часа ќе можат да гледаат два добри мечеви. Наша цел е победа, но за тоа треба да одиграме. Мораме да бидеме максимално сериозни во пристапот, наша цел е да го надоградуваме нашиот систем. Се надевам дека ќе има што повеќе публика во Автокоманда. Овие момци во периодот во кој измина заслужија да имаат поддршка особено на европските натпревари, порача тренерот Кирил Лазаров.