Со години, секој паметува и објаснува за тоа каков туризам сме требале да имаме. Секој дава мислење што фали, и како истото треба да се направи, ама се ми се чини дека речиси сите се обидуваат да си средат некоја сопствена тезга, или тоа што мислат дека вреди, е не она што реално е наша додадена вредност.
Од 91ва, сите рипаат скокаат за Охрид. Го претставуваат како монденско место, а неретко понудата во центарот е лесковачка плескавица (зошто да не е велешка, прилепска или било каква наша) шеќерна волна и маици со спорски клубови од Србија и иконографија од бивша Југославија.
Да се разбереме, и охриѓани почнаа да имаат шлиф и точно знаат се да спакуваат и испромовираат. Квалитетот ќе исплива на површина, лошото ќе отпадне и ќе го снема, а квалитетот ќе стане додадена вредност и правите туристички работници, хотелиери, угостители ќе испливаат горе. Нема потреба од реклами ко пред десетина години за газдарицата која го гласела бојлерот пошто бил на скапа струја.
Државата не мрдна со прст со години, но евидентно е дека во периодот кој претстои дека автопатот до Охрид, пристапните патишта од сите страни, аеродромот и новата терминална зграда, но најмногу паркинг просторот и патоказите се елементарно насушно нешто го му треба и на градот и на целата ривиера. Плаќањето паркинг не е и не треба да е проблем. Паркинзите треба да се заштитени, осветлени, безбедни, чисти, со видео надзор, а цените треба да се пристојни за да било кој посетител не помисли дека треба некаде да се пика со автомобилот.
Да излеземе од матрицата за Охрид. Македонија е многу повеќе од Охрид. Имаме четири национални паркови. Имаме еден куп езера и акумулации. Имаме шуми, природа, културно историски знаменитости, патен коридор кон Егејот, кој летно време повеќе личи на градски булевар отколку автопат, со оглед на колите и прротокот. Колку од нив сме ги застанале на нашите локалитети како Кокино или Стоби или Вардарски Рид или Исар Марвинци, да платат карта, да купат сок, мастики, сендвич, или пак некој магнет, било што? Многу малку речиси ич!
Турција, Грција, Хрватска, и најголемиот дел земји кои знаат туризам, прават парче. Цели фамилии живеат од ова, сама кај нас се бара вработување државно или некој да фати тендерче преплатено.
Живо ме интересира што работат дел од музеите кај нас? Дел сум од фелата, па живо сум заинтересиран колку пари вртат сопствени средства музеите. Лично и отворено ќе ви кажам, многу малку. Да не е наколната населба Заливот на коските кај Градиште, освен во Скопје, Музејот на македонската борба, Археолошкиот и Националната галерија на Македонија, кои според мои стандарди и покрај тоа што се подобри од другите, работат и заработуваат слабо, другите ги нема никаде! Државата им дава плати, им покрива трошоци, буквално се, а фидбекот е многу мал, многу слаб, под просечен.
Претходната гарнитура е во најголема мерка сменета, разрешена, и иако актуелни нови директори. Искрено, очекувам буквално од сите кои ќе дојдат програма за тоа што и колку ќе испродуцираат во следните шест месеци, година, и четири години. Колкумина ќе плаќаат од сопствени средства, што и како ќе се интервенира, смени, направи, комерцијализира.
Горд сум што конечно некој имаше слух, после толку години бунење и коментирање на многумина, меѓу кои и јас самиот, дека културата треба да се спои со туризам. Ајде да видиме дали ќе знаеме истото да го примениме и валоризираме. Резултатите практично ќе се гледаат преку бројки. Посетители и заработка, а потоа преку реакциите и коментарите. Секторот Транспорт треба да си го заврши своето. Гледаме нови летови, инфраструктурата и се останато се тера со турбо динамика како никогаш до сега, наше е се живо да стандардизираме, обележиме, унифицираме, обучиме, и на крајот да наплатиме. Странецот и последната пара да му е мерак да ја остави.
За крај за човечкиот фактор. Тука најмногу киксираме. Фалат менаџери. Многу! Ама уште повеќе фалат водичи. Има неколку кои ги познавам, на кои капа им симнувам. Ама какви легенди секојдневно гледам низ Скопје, со лиценца, ем неуредни, ем запуштени, ем тресат зелени и продаваат свои приказни и филмови. Тоа така драги мои никаде нема. Да шеташ странци, и да плукаш по Скопје 2014, да вреѓаш политичари, да зборуваш за диктатори, да кажуваш дека фасадите биле грди, дека претходните биле подобри, јас такви водичи во друга земја не сум сретнал, а многу сум прошетал. Одвратно е како и колку си ја плукаме сопствената земја пред странците. И тоа со лиценца.
Плус на тоа, имаме и странци водичи кои шетаат тури низ државата и продаваат историја на Бугарија, Србија, Албанија, Турција, Грција и шират пропаганда низ целата земја. Тоа никој никаде нема да ви го дозволи. Само кај нас! Секаде на друго место водичот на турата може само да преведува и да ја носи торбата на локалниот лиценциран водич, а тој зборува според упатство, приказна и стандарди кои матичната држава ги вовела, а не да раскажува приказни кои некаде ги чул или негови лични ставови. Секаде во светот има стандарди.
Има еден куп луѓе кои завршиле историја, археологија, етнологија, географија, историја на уметност, а работат се и сешто. Мој совет е да научат или усовршат барем еден до два јазици, да вежбаат јавно говорење, и дека во периодот кој следи, токму со водење тури ќе може повеќе од пристојно да живеат. Ќе заработуваат одлично, но прво државата ќе мора да ги стегне работите, да воведе ред и стандарди, и се за ова што пишував да го стави под ред, и да ги крене стандардите.
Најголем дел од институциите во областа на културата се токму музеи и галерии. Иако сите зборуваат прво за театрите, за операта и балетот, за филхармонијата, па и библиотеките, музеите се оние кои секаде во светот влечат народ, и прават пари, многу пари. Реформите, растот и напредокот, но и одличната промоција на самата држава доаѓа преку нив. Мора да се воведат нови стандарди, критериуми и вреднувања на нештата, и да доживееме како секаде во светот, во истите да се влегува со закажување или ред да се чека. Богатство има на претек, а не вадиме ни 5 денари од истото. Мора да ги менуваме нештата. Општините и државата нека гради патишта и паркинзи, а за другото ќе мора фелата да даде идеи и предлози, ама и опипливи егзактни резултати, а тие се лесно мерливи, нели?!
Македонија може да живее од земјоделие, екологија, туризам и култура. Тврдам! Не ни требаат ниво ниту фабрики, ниту рудници. Само дали сме умни, и дали сакаме да го тераме тој правец.
Александар Ристевски